Обвинителството бара оштета од 15 000 евра за демолираната канцеларија на Иванов

Судското рочиште за двајцата демонстранти Никола Аризанов и Филип Наковски, приведени на протестите на 13 април, се одложи на барање на одбраната, пренесува ТВ 24 Вести. Во обвинителниот акт, Аризанов и Наковски, се товарат за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

За демолираниот инвентар во канцеларијата на претседателот, Обвинителството бара оштета во висина од 880.000 денари или приближно 15 000 евра. Одбраната и судијката која ја води постапката, Весна Петровска-Тагасовска, смета дека сумата е превисока за само овие двајца обвинети да ја платат.
 Таа му даде рок од еден ден на Обвинителството да каже точна сума оштета за секој обвинет поединечно.
Адвокатот Владимир Данаилов, пак, тврди дека во обвинението штетата не е поткрепена со вешт наод туку паушално утврдена и вели дека е неправично таа да им биде ставена на товар на обвинетите кои се подготвени да го прифатат делото.
Аризанов и Наковски се двајца од 13-темина приведени на протестот на 13 април, кога групата демонстранти ја демолираше Народната канцеларија на Претседателот Иванов. Нив им беше изречена мерка- куќен притвор во траење од 30 дена.
Судскиот процес за Аризанов и Наковски, продолжува утре. Тие, инаку, се единствени од првата група приведени кои добија кривични пријави, а според полицискиот извештај, учествувале во кршење на инвентарот на канцеларијата на шефот на државата.
Протестите продолжуваат и денеска, во 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство. Покрај во Скопје, денеска ќе се протестира и во Струмица и Тетово, каде зборните места се во 19 часот, на локацијата позната како Старата полиција во Струмица, и пред Основниот Суд во Тетово.