Образованието – прв чекор за поголема вклученост на ранливите категории граѓани во општеството

Првиот училишен ден за некои деца од ранливите категории не значи ништо – непознат број на деца од ромска етничка припадност, сиромашни семејства или форма на попреченост денес нема да тргнат на училиште, или нема да завршат средно и високо образование, иако стратегии за поголема инклузија на овие ранливи групи во македонскиот образовен систем постојат. Какви мерки треба да се преземат за патот до работно место на овие лица да им биде полесен и подостапен?

Токму на овие прашања дискутираа претставници на институции и невладини организации, на денешната отворена дебата на МИТ Универзитет, „Општествена инклузивност на ранливите категории граѓани преку образование“.

Значително помалку ромски деца завршуваат образование во сите степени, што се должи на комбинација од сиромаштија и дискриминација, а во некои општини и малолетнички бракови, вели Самка Ибраимоски, министер без ресор задолжен за спроведување на програмата за инклузија на ранливи категории во образованието.

Без соодветна инклузија на Ромите, децата со попреченост во менталниот развој и другите маргинализирани групи во образованието, а и со сегрегацијата во образованието која сè уште постои, огромно е значењето на целосната инклузивност, смета тој.

„Главна социјална ранлива категорија во Македонија претставуваат лицата со низок степен на образование. Оваа категорија е доминантна во структурата на невработени лица. Недоволното образование кај оваа категорија на население се рефлектира на социјалната положба на повеќе начини и тоа преку намалена можност за вработување поради нивната неконкурентност, особено карактеристична за ромската популација која отскокнува во структурата на невработени лица во државата“, изјави Ибраимоски.

„Преку неинформираност на населението за неговите права и можностите при отсуство за едукација на новите генерации, магичниот круг на сиромаштијата се продлабочува. Немам пари за школување, е најчестото оправдување“, вели Самка Ибраимовски.

Тој додава дека е потребно да се работи на подобрување на образованието, како за поголема инклузија на лицата од маргинализирани групи, така и за зголемување на капацитетите кои можат да работат со нив и доустручување на кадрите.

Билјана Дуковска, претседателка на Македонска платформа против сиромаштија, смета дека лицата од ранливи категории неретко се припадници на повеќе маргинализирани групи.

„Кога зборуваме за ранливоста во образованието, мора да нагласиме дека повеќе шанси имаат оние кои се ранливи само на едно ниво. Но, доколку наредиме неколку типа на ранливост, тогаш ни требаат неколку типа на решенија за да ги извлечеме луѓето од проблемот, и да можеме да зборуваме дека навистина сме општество кое се грижи за сите свои граѓани подеднакво“, подвлекува таа.

Таа предлага три значајни чекори за подобрување на општествениот статус на овие лица:

„Мора да им обезбедиме пристојни услови за домување на сите ранливи граѓани, за да можат да бидат здрави и да можат соодветно да излезат и да побараат работа. Во делот на пазарот на труд, не може да дискриминираме по националност и да правиме обуки за вработување по етничка припадност, како некоја одредена етничка група да е подобра за нешто. Трето, социјалната заштита не смее да ги остави луѓето да се плашат да не умрат. Мора да ги извади на површината за тие што преживуваат, да имаат можност и вистински да живеат“.

На дискусијата присуствуваше и Мабера Камбери од Министерството за труд и социјала, која зборуваше за состојбата и плановите за поголема инклузија на учениците од ромската популација.

„Најважно за ромското население и неговата инклузија и интергрирање е токму образованието. Не случајно во 2013 година на првиот Управен комитет на Декадата на Ромите, сите учесници се сложија дека образованието е најважен фактор ако сакаме да имаме интегрирање на Ромите во општеството“, изјави Камбери. Додава и дека МТСП во рамките на своите надлежности и понатаму ќе креира проекти и програми кои ќе бидат во интерес на ромската заедница.

За позитивните искуства за инклузијата во образованието од земји-членки на ЕУ, зборуваше Софи Бомонт, програмски менаџер на ЕУ за инклузија во образованието. Како земји кои инкорпорираат системи за инклузија на ученици со попреченост на различен начин, но сите се одлично оценетим ги спомна Италија, Велика Британија и Финска.

„Образованието е обврска на секоја нација, така што Европската унија не налага практики и политики за инклузија во образованието, бидејќи нема извршна легислатива. Сепак, ги поддржуваме земјите-членки и партнерите да учат едни од други. Денес имаме различни методологии од позитивни практики, кои имаат позитивна оценка и можат да помогнат за подобро искуство на учениците, развој на нови вештини и подоцна, наоѓање на работно место за учениците од маргинализираните групи“, заклучува таа.

Стефанија Тенекеџиева