Средношколците ја откажаа блокадата пред МОН од безбедносни причини

Половина час пред да се одржи петтата по ред блокада на улицата пред Министерството за образование и наука, Средношколскиот пленум ја откажа од безбедносни причини. Воедно, ги замолија малолетните вечерва да не спијат во кампот.

„Поради моменталната ситуација блокадата од 17:00 ја откажуваме. Пропратно, ги замолуваме сите средношколци кои периодов ќе присуствуваат на било каков протест да е пазат и да не употребуваат насилство. Ги замолуваме сите малолетни вечерва да не спијат во Средношколски фронт и да не бидат дел од протестите“, стои во најновата објава.

Тие пет недели ја бојкотираат наставата, а две недели веќе кампуваат, незадоволни од образовните реформи и незаинтересираноста на надлежните да седнат со нив на нови преговори.

Четири дена средношколците прават разни акции пред МОН со цел да го свртат вниманието на надлежните кон нив и нивните барања, но откако министерството го соопшти својот конечен став, досега нема ниту една покана за средба.

Средношколците вчера му свртеа грб на министерството со порака дека така и од Министерството им го вртат грбот на средношколците. Тие потенцираа дека освен со кампувањето, борбата ја водат и институционално со помош на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Најавија тужби против оние кои им се закануваат.

Во понеделник истекува законската можност за отсуство од настава. Поради тоа, средношколците најавија дека на еден ден ќе се вратат на училиште, но само за да го ресетираат бојкотот. Претходно, родителите и учениците ги повикаа министерот за образование Абдилаќим Адеми и неговиот заменик Спиро Ристовски на средба во кампот, во понеделник во 13 часот.