Обновен „Патот на свилата“, откако товарен воз од Кина стигна во Лондон

Првпат во историјата, товарен воз од Кина пристигна во Лондон, на патувањето кое траело 17 дена.

Железничката композиција тргнала од кинеската провинција Жежианг на 3 јануари и поминала десет држави на патот долг 12 илјади километри пред да стигне до терминалот во источен Лондон вчера попладне. Од Кина, преку Казахстан, Русија, Белорусија, Посла, Германија, Белгија и Франција пред да стигне до Велика Британија.

Возот носел 34 контејнери во кои имало облека и друг вид стока во вредност од 4 милиони фунти.

Патот по кој се движел возот ФОТО: ББЦ

Кинеските и британските власти се надеваат дека оваа нова линија ќе ја зголеми трговската соработка меѓу двете земји. Транспортот на стоки преку железнички сообраќај е многу поефтин од авионскиот и многу побрз од бродскиот. Транспортот ќе се извршува еднаш неделно во првите неколку месеци, за да се предизвика побарувачка. Доколку има успех, линијата може да стане редовна.

Оваа линија повторно го отвора „Патот на свилата“, трговската врска која се користела во минатото помеѓу Европа и Азија.

Лондон е 15-тиот европски град кој е додаден на оваа листа на товарен железнички транспорт од Кина. Зголемувањето на дестинации е дел од планот „Еден појас – еден пат“ на кинескиот претседател Кси Џинпинг, за подобрување на трговските врски на земјата. Кина денеска е најголемиот светски извозник кој годишно извезува околу 1,85 билиони фунти.