Објавена програмата за театарскиот „Скупи Фестивал“ 2016

Десеттото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи Фестивал“ ќе се одржи од 3 до 9 ноември, во Младинскиот културен центар во Скопје.

Од 3 ноември публиката ќе има можност да проследи седум претстави, кои ќе се изведуваат на сцената на кино Фросина во МКЦ. Програмата содржи претстави кои варираат, од светски класици до современи авторски проекти.

Фестивалот ќе биде отворен со безвременската италијанска комедија „Слуга на двајца господари“ на Карло Голдони, во продукција на Професионалниот театар Призрен од Косово, а на затворањето ќе биде прикажана „Жозефина“ на независниот театар Шаливате од Брисел, Белгија.

На останатите денови ќе можат да се проследат претстави на гостински театри од Турција, Чешка, Унгарија, Бугарија и Албанија.

Целосната програма може да се проследи на официјалната веб страница.

Во текот на фестивалот ќе биде промовирана и монографијата објавена по повод 10-годишното постоење на фестивалот.

Билетите по цена од 150 денари, почнувајќи од сабота (29.10), ќе можат да се купат на билетарницата на МКЦ, или да се резервираат на bileti@mkc.mk.