Обединетите Нации сакаат да стават крај на загадувањето на морињата со пластика

Министрите за екологија од Обединетите Нации најавија крај на ерата на пластичен отпад со потпишување на декларација за стопирање на пластичното ѓубре во морињата и океаните, на состанок во Кенија.

Научниците ја поздравуваат декларацијата, но се незадоволни дека согласноста е само декларативна, без цврсти временски рокови и цели, пренесува ББЦ.

Министрите велат дека ова е значаен настан, бидејќи демонстрира на владите, индустријата и јавноста дека е потребна голема промена.

„Она што го договоривме е потребата од акција. Почетната цел е нула – емисии на пластичен отпад во океаните“, изјавил норвешкиот министер за животна средина, Видар Хелгесен, кој ја води дебатата во ОН за загадувањето со пластика.

Тој додал дека ова е само почеток на акцијата против пластичниот отпад.

„Сакаме само да видиме дека оваа декларација ќе биде имплементирана колку што е можно побрзо од владите, бизнисите, невладиниот сектор и потрошувачите. Бидејќи работата е итна“, рекол тој.

Веќе е познато дека пластиката има негативно влијание во морскиот жив свет, но не е познато уште колку штета тој може да претрпи пред загадувањето да почне да влијае на целите екосистеми.

Морињата се истовремено под штетното влијание на климатските промени, ацидификација, мртви зони и различни видови на загадување.

Делегатите на состанокот изразиле надеж дека владите ќе се впуштат во брзо усогласување со националните политики за намалување на пластичниот отпад, наместо да чекаат резолуции од Обединетите Нации.

Сепак, за сопирањето на пластичниот отпад ќе биде потребна нова технологија и промена на однесувањето на јавноста. Помеѓу различните видови загадување со кое се соочува човештвото, ова е едно од најтешките за решавање.