Ново издание на „Блуз и соул фестивал“ од 22 до 24 септември

Европски блуз ќе понуди годинашниот „Блуз и соул фестивал“ кој по 21-ви пат го организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС). Во три фестивалски вечери со почеток во 21 часот, на 22-ри, 23-ти и 24 септември во ноќниот клуб Станица 26, ќе настапат четири бендови од Македонија, Шведска, Грција и Унгарија.

Фестивалот в петок ќе го отвори македонскиот блуз-бенд познат по клупски настапи „In the Mood“, а специјално за овој настан ќе биде во проширен состав со девет членови. По нив ќе гостува шведскиот блуз состав „Трикбег“ кој постои 20 години и на албумите има голем број гости.

Втората фестивалска вечер, 23 септември, е резервирана за грчкиот „Трипл фрет бенд“. Грчката вечер ќе биде во три дела со пет музичари. Фестивалот в недела, 24 септември, ќе заврши со унгарскиот блуз-мајстор на усна хармоника и пејач на блуз Матјаш Прибојски и неговиот четиричлен бенд. Еден од неговите 11 снимени албуми има награда „Златен албум“.

„Блуз и соул фестивалот“ е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура, а годинава соработувале и со амбасадите на Шведска и Унгарија.

Влезниците се по цена од 300 денари за првата вечер и 200 денари за втората и третата вечер и може да се купат во Југотон Рекордс и на благајната на Станица 26.