Новата банкнота од 5 фунти изработена од животински масти ги разлути вегетаријанците

Веганите и вегетаријанците се револтирани од информациите дека новите банкноти од 5 фунти содржат животински масти.

Преку Твитер, Централната Банка на Англија потврди дека новите банкноти се изработени со помош на лој, преработка на животински масти која се користи во свеќи и сапун. „Има траги од лој во полимерот кој е користен како основа за банкнотите од 5 фунти“, потврдија.

Веќе е подигната петиција за повлекување на новата банкнота, која почна да се употребува во прометот од септември. До сега петицијата ја потпишале преку 5 илјади луѓе.

„Новите банкноти од 5 фунти содржат животински масти во вид на лој. Тоа е неприфатливо за милиони вегани и вегетаријанци во Велика Британија. Бараме да престанете да користите животински производи во продукцијата на валутата која мораме да ја употребуваме“, стои во петицијата.

Твитот предизвика реакции на социјалните мрежи. Повеќе корисници изразија изненандување и згрозеност од информацијата.

На некои од нив не им беше важно.

А, дел од твитерџиите гледаа на случајот како потенцијален бизнис. „Ако не ви се допаѓаат новите 5 фунти бидејќи содржат животинска маст, ве молам ставете ги во моето поштенско сандаче“, напиша еден корисник.

Ова не е првпат промената на банкнотата да предизвика контроверзии. Направена беше петиција и по објавата дека Винстон Черчил ја заменува Елизабет Фрај на банкнотата, што практично значеше дека англиските пари остануваат без жени, доколку се исклучи кралицата.

По незадоволството кое го изразија илјадници граѓани, дополнително беше соопштено дека писателката Џејн Остин ќе биде ликот на новата банкнота од 10 фунти која ќе се воведе во летниот период од 2017 година.

Новите пластични 5 фунти се првите банкноти од Банката на Англија кои не се печатат на хартија. Новите банкноти се дизајнирани на овој начин за да бидат почисти, посигурни и поиздржливи.