Нова власт – стари перцепции за државните вработувања

Од „Клати врата – земај плата“, до „партиска војска закачена на Буџетот“, јавната администрација веќе подолг период во очите на граѓаните повеќе предизвикува револт и потсмев, отколку што претставува сервис за нивните секојдневни потреби.

По промената на власта и кадровските промени во државната администрација, на социјалните мрежи продолжија со критиките и саркастичните шеги кон превработеноста, нестручноста или партизираноста на вработените во државна служба. Овие перцепции на граѓаните добија значајна поткрепа кога Македонија го доби епитетот „заробена држава“ во извештаите на Европската Унија.

И покрај негативната перцепција која во анкетите ја има државната работа, интересно е тоа што таа истовремено е и најатрактивна за граѓаните. Последното истражување на Центарот за управување со промени, во февруари, покажа дека иако граѓаните ги карактеризираат вработувањата во администрацијата како неправедни, службениците како нестручни и нељубезни, а огромен процент од нив бараат промени во функционирањето, сепак над 60% од нив ги привлекува државната плата.

Приватниот и граѓанскиот сектор го преферирале само четвртина од граѓаните.

„Дури и младите, за кои сметаме дека ни се иднината и се најперспективни во идеите и во кои најмногу се инвестира да отворат стартапи и да се занимаваат со претприемништво – посакуваното работно место им е во јавна администрација. И тоа не говори ништо друго освен тоа дека тие со тоа место би си ја „купиле“ сигурноста, која не постои на другите работни места. Затоа сите инсистираат на државна работа, затоа што тоа се долгорочни, сигурни договори и им обезбедуваат пристап до заеми, кредити или друго банкараско работење да прикрпат да врзат крај со крај“, објаснува Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштијата.

Според неа, перцепцијата на граѓаните за јавната администрација може да се подобрува само преку видливи резултати, со отворање на квалитетни работни места кои би биле конкурентни на државните.

Еден од најпоразителните податоци по ова прашање од анкетата на ЦУП е онаа во која половина од граѓаните свесно би го замениле својот глас за одредена партија, доколку за возврат добијат државна работа.

Од анкетата на ЦУП

Седум месеци подоцна, перцепцијата на граѓаните сигурно не е променета, смета директорката на ЦУП, Неда Малеска Сачмароска, додавајќи дека проблемите со партизираноста и непрофесионалноста на државната администрација се акумилирани со години и дека негативностите, целиот тој период, не биле соодветно решавани.

„Политичката и институционална криза со која се соочивме само го покажа, она што и онака го знаевме, а тоа е дека не успеавме да произведеме професионална администрација надвор од влијанијата на партиските структури. Ваквите состојби толку ја еродираат довербата на граѓаните и го нарушуваат легитимитетот што е нереално да се очекува дека во овој момент има било каква релевантна промена во перцепцијата на граѓаните за јавната администрација“, вели Малеска Сачмароска.

Во истражувањето само 29% од граѓаните изјавиле дека веруваат на јавните институции, додека скоро 36% сметаат дека корупцијата е широко распространета помеѓу македонската администрација.

Локалните избори се првиот тест

Деполитизација и професионализација на јавната администрација се една од клучните заложби на новата влада. Владата во својата програма вели дека ќе се создаде администрација ослободена од партиските спреги, која почитувајќи ги начелата на законитост и непристрасност ќе се посвети на решавање на проблемите на граѓаните и деловните субјекти.

„Главниот предизвик е како да се обезбеди непреченост на процесите. Граѓаните и бизнис секторот мора да продолжат да ги добиваат услугите и покрај ваквите големи промени во владината администрација. Се разбира, сите овие предизвици директно се поврзани со државните службеници. Нивната професионалност налага лојалност кон институцијата и политиките кои раководството ги носи со себе. Но пред се налага лојалност кон државата, а не кон партијата“, вели министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Во првите 100 дена освен флексибилното работно време, покрупните реформи се сè уште во фаза на консултации.

Првично предложените законски измени предвидуваат укинување на тестовите за личност и интелигенција, како и меѓународните сертификати за познавање јазик при вработување во јавна администрација, а треба да биде овозможена и можност за побрзо кариерно напредување меѓу административните нивоа.

Од отчетот на министерот Манчевски за првите 100 дена од владата

Сепак, досега предвидените мерки, не се доволно драстични за брза промена на јавната перцепција, смета Малеска Сачмароска. По сè што се случи во државата, вели таа, очекувањата на граѓаните во моралното однесување на новата влада, како и одговорноста на власта која мора да ја враќа довербата во институциите, ќе бидат особено големи.

„За жал, мерките предвидени во сите клучни документи, ниту оние реализирани во првите 100 дена, а ниту останатите предвидени за наредните три, шест или девет месеци не се доволно драстични да се промени перцепцијата на граѓаните во поглед на јавната администрација. Тие се резултат на она што граѓаните го гледале, осознавале и искусувале, во овој случај во комуникацијата со државата, институциите и со оние кои нив ги предводеле. Тука зборуваме за воспоставување на вредности како: што е праведно, имаме ли еднакви можности за вработување, дали е фер и праведно? Дали можеме за кус временски период да ги вратиме овие вредности – останува да видиме“.

Критиките кон државната и јавна администрација обично се распалуваат за време избори, со обвинувања за злоупотреби на ресурси, притисоци или запоставување на професионални обврски за сметка на партиски потреби. Минатата недела, владата усвои декларација со која треба да се спречи злоупотреба на државните ресурси (како службени возила, телефони, простории) за изборни цели и да се оневозможи вршење притисоци врз администрацијата. Преку документот, власта ги повика и вработените во државните служби, да пријават секаков вид притисок за тој да биде испитан и санкциониран.

Од ЦУП велат дека продолжуваат да го следат расположението на граѓаните и во иднина, преку нивните истражувања кои се еден вид на барометар дали работите се движат во позитивен правец.

Локалните избори, кои се за помалку од еден месец, ќе бидат првиот голем тест за државните служби откако се промени власта, дали перцепцијата на јавноста за администрацијата ќе се придвижи од предмет на потсмев, кон сервис на граѓаните.

Даниел Евросимоски