Нова шанса против опасниот линдан во ОХИС

По долгогодишни ветувања и разочарувања за уништување на линданот од ОХИС, сега повторно се актуелизира и најавува третирање на екстремно опасниот отпад, несоодветно складиран на депонијата во фабриката.

Депонијата контаминирана со линдан е наведена и на светските еколошки мапи, а од Државниот инспекторат за животна средина уверуваат дека детални истажувања за неа ќе започнат во октомври. Во и надвор од кругот на фабриката ОХИС на посебни маркер места ќе се утврдува загадувањето на почвата, воздухот и подземните води.

„Тоа е проект на УНИДО (Oрганизацијата за индустриски развој на Обединетите нации) и домашната Канцеларија за ПОПС (неразградливи органски загадувачи). УНИДО ја ангажираше грчката фирма ‘Полиеко’ да ги направи тие прелиминарни истражувања. Постојат две депонии на изомери на линдан. Има средства за малата депонија комплетно да се изврши ремедијација, додека за втората да се направи едно преодно ‘бајпас’ решение со посебна гумирана текстилна покривка, заштита за да нема линдан во воздухот во Скопје“, објасни денеска Дарко Блинков од Инспекторатот за животна средина.

Активностите требале да започнат од 18 септември, меѓутоа, вели тој, се одложени за 20-ина денови, пред се’ поради високите температури.

„Очекуваме некаде од 10 октомври да дојде фирмата, па заедно со Инспекторатот и стручни лица да се формира координативно тело, бидејќи ќе треба да се влегува во неколку детектирани градинки, во домови во најблиски куќи да се земат мостри од вода“, вели Блинков.

По ова уверува дека конечно би отпочнала ремедијацијата на помалата депонија. Ова би се вршело на лице место, бидејќи така е најевтино.

„Постоеја некои идеи отпадот да се носи во напуштени рудница за сол во Германија, меѓутоа поскап е транспортот. Според средствата се одредуваат моделите на третирање. За втората поголема депонија веројатно ќе треба да се побараат дополнителни средства. Тука и државата треба да учествува. Во секој случај ќе биде помогнато и од УНИДО, и од други фондови, бидејќи досега сите студии укажаа на поголема сума средства за комплетна ремедијација на целото подрачје, бидејќи е дел од ‘жешките точки’ во земјава“, рече Блинков од Инспекторатот.

Инаку, линданот своевремено бил користен како инсектицид со широк обем на дејствување кај семенскиот материјал, за третирање на почвата, прскање, заштита на дрвената граѓа, и против ектопаразити кај животните и луѓето. Линданот е токсичен, ставен е во групата на канцерогени супстанции.

Депонијата на ОХИС е создадена од средината на седумдесеттите години, кога употребата на линданот била забранета. Дотогашното производство од 13.000 тони е оставено на отворено, без претходна подготовка на подлогата. Оставено е на земја. Неколку години подоцна, поради неподносливата миризба на пестицидот, депониите се покриени со околу 20.000 тони земја. Па сега таму опстојува над 30.000 тони опасен отпад! Загадени се подземните води, истовремено ветерот ја разнесува прашината во воздухот. Линданот се сврзува и со честичките ПМ10, а се разнесува и насекаде по почвите. Вака е со години.

За горливиот проблем за отпадот „богат“ со линдан веќе долги години aлармира професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија при ПМФ. Нагласи дека со проект проектот финансиран од ЕУ, депонијата на ОХИС се најде на врвот на листата на „жешки еколошки точки“ во Македонија. Заедно со колегите истражувачи од Брно, Чешка, поставиле апсорбери за земање проби од воздух за анализа на вакви супстанции – пестициди, диоксини, фурани.

„Резултатите за Скопје беа загрижувачки, со високотоксични концентрации! Проблемот е што нема официјално утврдена граница на светско ниво, никој нормален човек досега не предвидел дека е можно толкаво количество линдан да се остави на отворено“, рече Стафилов.

 

Б.Ш.