Нов вооружен инцидент во американско училиште, медиумите јавуваат за три повредени лица

Средно училиште Грејт Милс во американската држава Мериленд е блокирано, откако се случил вооружен инцидент, известила локалната полиција на социјалните мрежи од каде додаваат дека ситуацијата е под контрола.

Иако официјалните лица сè уште не даваат информација за евентуални жртви или повредени, дел од медиумите пренесуваат дека има најмалку три ранети лица при нападот, помеѓу нив и напаѓачот кој е ученик во училиштето каде се запишани нешто повеќе од 1.500 ученици.

Ученикот Џонатан Фис, за СНН изјавил дека заедно со соучениците се уште се затворени на час по математика, а полицијата врши проверки низ училниците за да го расчисти објектот и учениците да можат безбедно да бидат изнесени надвор.

„Уште сум потресен. Не очекував дека може да се случи нешто вакво. Навистина се чувствувам безбедно, иако, тоа можеби е поради тоа што секогаш имаме полиција во училиштето“, рекол Фис.

Само оваа година СНН пренесува дека имало 16 вооружени напади во американски училишта пред последниов инцидент, односно просечно по еден напад неделно.