Нов планинарски поход на Скопска Црна Гора, нова дружба кај колибата на чичко Спиро

„На Скопска Црна Гора и за Скопска Црна Гора има многу приказни. Времето на таа планина има запишано речиси се’. Низ вековите поминале цивилизации и генерации. Како северен бедем на градот Скопје со одлична безбедносна локација и преполна со изворишта, со векови е населувана и транзитирана. Тоа е една од причините зошто населението низ вековите давало имиња на локации кои во тоа време, за нив, биле од голема важност. Одредени места и локации имаат по два, 3 или повеќе топоними, сите тие дадени во време кога одредени генерации доминирале со просторот низ времето. Секое време запишало по некое име“, напиша Александар Манолев од Планинарско спорскиот клуб (ПСК) „Скопска Црна Гора“, кој годинава го одбележува петтиот јубилеј од своето постоење.

Во духот на јубилејот, овој планинарски клуб на 23 април (недела) го организира и петтиот по ред Планинарски поход на Скопска Црна Гора.

Ѓорѓи Петровски, претседател „Скопска црна гора“, за Радио МОФ објаснува дека се работи за традиционално искачување на падините на оваа карактеристична планина, со тоа што секоја година одбираат различни патеки. Маркирани се 12 патеки, а обично се одбираат една рекреативна, и една спротска патека.

„Рекреативната патека од Бродец до Спирова колиба е наменета за послабо спремните, оние кои имаат почетна физичка кондиција, за деца, за повозрасни граѓани… Според тоа, одбрана е лесна и прегледна патека, без стрмни угорнини. Другата патека ќе оди од Љубанци до врвот Црн камен, а потоа се спушнаме кај Спирова колиба. Спортско-планинарската патека е долга 20 километри. Горе традиционално даваме планинарско гравче. Ќе даваме и чајче. Заедно со кампувањето, ќе има убава заедничка дружба со рекреативната и спортската група. Веројатно ќе ни се приклучат и 50-ина велосипедисти“, вели Петровски, кој е избран за планинар на клубот за 2016 година.

Мрежа на патеки на Скопска Црна Гора

Планинарскиот клуб за патеката „Костените“ (спортско-планинарскиот поход) објаснуваат дека започнува од селото Љубанци кон селото Љуботен (старата амбуланта) во насока кон исток, поминува низ манастирот „Св. Никола“ од каде се протега по шумската патека низ меноста Костените во насока кон север, непосредно до локалитетот Црн Камен, од каде во правец кон запад доаѓа до врвот Пржар.

„Експозицијата на патеката е променлива од југозападна во почетокот до југоисточна во завршниот дел, заради што е пријатна за движење и во зимскиот период. Коридорот на патеката во најголемиот дел е зачуван. Газечката површина е стабилна без поголеми ерозивни оштетувања. Патеката е една од најпосетуваните планинарски патеки на Скопска Црна Гора“, стои како соопштение на планинарскиот клуб на нивниот сајт.

Колибата на чичко Спиро

За местото Спирова колиба, каде ќе има дружба и кампување на групите, се врзани бројни приказни. Пред се’, локацијата е поврзана со приказната за планинарот Спиро Митков, или за сите планинари единственото познат како – чичко Спиро.

„Речиси 3 децении непрекинато ја шета, чува и негува планината. Можеби за многумина тоа е нормално, но во светот на планинарите тешко дека ќе сретнете планинар кој животот ќе го посвети на една планина. Впрочем, сите ние како планинари се стремиме да видиме и освоиме што повеќе врвови и да видиме што повеќе планински убавини. И Чичко Спиро видел речиси се на Балканот, во Македонија и на крајот се закотвил на Скопска Црна Гора.

Ако некогаш се впуштите во авантура со Спиро на Скопска Црна Гора нема човек кој не го познава – од Блаце преку Бањански Пресла, Цареви ливади, Рамно, Калеш Мара до Виниче па назад преку преку сите села од подножјето на Скопска Црна Гора до местото именувано како ‘Колибата на Чичко Спиро’. Овчари, ливадари, дрвари, мештани, селани, сите го знаат Чичко Спиро и неговата колиба“, велат од ПСК „Скопска црна гора“.

Колибата се наоѓа во централниот регион од Скопска Црна Гора, месност која локалните мештани ја знаат како Бродечки вирови, во поново време Сотирова чешма. Во последните 2 децении на локацијата и се дава уште едно име – Колибата на Чичко Спиро. Позиционирана на 1.448 мнв, со моќно извориште и фантастичен поглед на речиси целата Скопска котлина, колибата дава извонредно чувство на доминација со просторот и одличен поглед на сите доминантни планини во близината на Скопје: Шарпланинскиот масив со врвовите Љуботен, Пирин бек, Кобилица, Солунска Глава, Китка, Водно, Матка, Жеден и т.н.

„Токму поради сите овие набројани планинарски убавини Чичко Спиро пред повеќе од 20 години направил колиба, од дрва, шајки, најлон и останат материјал кој лично сам го носел и во целост сам ја изградил колибата. Отворена за сите кои ќе имаат потреба од одмор и прибежиште во услови на невреме“, објаснуваат од „Скопска Црна Гора“.

Клубот продолжува активно да искачува врвови

Претседателот Петровски напоменува дека клубот „Скопска Црна Гора“ моментално брои 55 активни членови со платена членарина.

Во однос на прашањето дали има интерес за планинарење, односно дали граѓаните од помодарски причини само периодично се приклучуваат, или имаат и активни членови, тој вели дека во нивниот случај само мал дел не се активни и ретко некои „само сакаат да имаат планинарска книшка“.

„Повеќето се активни, некои порекреативно, меѓутоа од нашето членство можеби 70 отсто се доста активни и одат и на понапорните тури, и се качуваат по врвови. Останатите, некои повозрасни или понови членови, треба да стекнат кондиција“, напоменува Петровски.

Како клуб, повеќе пати се имаат искачувано низ Македонија – на Титов Врв, Кораб, Пелистер, на  Шар Планина сите врвови, на Меденица на Бистра… Надвор од Македонија се искачувале на Мусала, Олимп, на Тодорка на Пирин и сл., а сега во план е искачување и на Високите Татри во Полска. Со полна пареа ќе продолжат со походи и во иднина.

Б.Ш.

//