Нов македонски агрегатор за вести од светските медиуми – populast.com

„Популаст“ (Populast.com) е нов агрегатор на вести креиран во Македонија, на кој се генерираат најчитаните информации на социјалните мрежи на 223 највлијателни странски медиуми.

Според основачот на „Популаст“ и time.mk, Игор Трајковски од компанијата „Тајм борг“, на агрегаторот се генерираат само оние вести од странските медиуми кои предизвикале најголем интерес кај читателите на „Твитер“ и на „Фејсбук“.

„Станува збор за алатка со помош на која читателот се информира кои вести пројавиле абнормален интерес кај публиката. Отстапување од нормалноста е всушност информацијата која ќе се најде на оваа веб-страница“, појасни Трајковски на денешната промоција на агрегаторот.

Тој додаде дека за ударните вестите кои се објавуваат на веб-страниците на медиумите најчесто одлучуваат уредниците, но тие и не мора да бидат најчитани.

Трајковски информираше дека овие 223 највлијателни светски медиуми, дневно објавуваат околу 250.000 постови на социјалните мрежи, а агрегаторот ги повлекува оние кои отскокнуваат од просечната читаност.

На „Популаст“ може да се видат најчитаните вести во последните 24 часа, една недела и еден месец, и тоа на медиуми како „Гардијан“, „Индепендент“, „Би-би-си“, „Си-ен-ен“, „Ал Џезира“ и други.