Нов Центар за образование, култура и уметност во Кисела Вода

Со промоција на книгата „Данаил Станојески (Семантички Македонец)“, во четврток, во 19 часот ќе се отвори новиот Центар за образование, култура и уметност во Кисела Вода. Промотор ќе биде Проф.д-р Лорета Георгиева – Јаковлева од Институт за македонска литература, и претседател на Центарот за култура и културолошки студии.

Центарот има за цел да дејствува како културно-едукативен простор во кој ќе се стимулира уметничкиот израз, став, а  посебно инсистирајќи на ангажирано учество на публиката. Полето на интерес на Центарот е фокусирано на изведувачките, визуелните, аудиовизуелните уметности низ аспектите на глобалниот, мултидисциплинарен израз на создавање, претставување и интерпретација на современите уметнички форми.

Центарот има за цел да влијае на средината и општеството како промотор на втемелувачките вредности на европската култура и традиција преку иновативни, критички уметнички опити. Воедно, на локален план ќе влијае на културната политика и на другите јавни политики кои се врзани со неа, ќе придонесува кон децентрализација на културата во Македонија и ќе воспоставува регионални културни сработки со земјите од Југоистична Европа,како и други сродни културно-уметнички и општествени контексти.

Во состав на Центарот, во соработка со Универзитетот за аудио визуелни уметности ЕСРА ќе се организира првата Детска и младинска филмска академија, музичко ателје, и аниматорското студио.