Норвешка е најсреќна земја во светот, Македонија на 92 место од 155 држави

Кога македонските граѓани замислуваат скала на која првото скалило е најлошиот, а 10-тото скалило најдобриот можен живот за нив, тие просечно избрале дека се некаде на средината.

Со резултат од 5,175, Македонија се најде на 92-то место во светот, во конкуренција на 155 држави, според Светскиот извештај за среќа за 2017 година на Обединетите Нации.

Од земјите во регионот, посреќни од Македонија се Словенија (62 место), Србија (73), Хрватска (77), Косово (78), Црна Гора (83), Грција (87) и Босна и Херцеговина (90), додека потажни се граѓаните на Бугарија (105) и Албанија (109).

Норвешка, Данска, Исланд, Швајцарија и Финска се петте најсреќни земји, додека Централноафриканската Република, Бурунди, Танзанија, Сирија и Руанда се најдоа на дното на рангирањето, како земји со најтажни граѓани на светот.

25-те најсреќни земји во светот според Извештајот за среќата во светот на Обединетите Нации

Индексот, кој се објавува на 20-ти март, Меѓународниот ден на среќата, ги мери субјективните чувства на граѓаните, преку визуелната „Скала на Кантрил“, едноставно прашање за тоа колку тие се чувствуваат среќни и зошто. Секоја година, повеќе од илјада луѓе во преку 150 држави од светот одговараат на прашањето – каде тие лично сметаат дека се наоѓаат според моменталната ситуација во животот – на скала од 0 до 10.

Просечниот резултат е оценката за земјата, од 7,54 во Норвешка, до 2,69 во Централноафриканската Република.

Македонија се најде високо на листата на промени во среќата меѓу граѓаните од периодот 2005-2007 година, до периодот 2014-2016 година. Таа е 13-та земја во светот според позитивната промена, со подобрување на просечното чувство на среќа за 0,681 на оваа скала. На врвот според промената на среќата меѓу граѓаните во овој период се наоѓа Никарагва, додека на дното е Венецуела со најголем пад на скалата која ја измеруваат Обединетите Нации.

Промената во среќата помеѓу 2005-2007 до 2014-2016 година

Според региони, најсреќни се жителите на Северноамериканскиот континент и Австралија (7.046), по што следуваат регионите на Западна Европа (6.593), Латинска Америка и Карибите (6.342) и Централна и Источна Европа (5.736), додека најлош просечен резултат има регионот на Субсахарска Африка (4.292).

Извештајот покрај субјективните перцепции, се обидува да ја анализира статистиката со поважните мерливи фактори за да објасни зошто некоја држава е посреќна од останатите. Субјективните резултати се ставаат во контекст на економската моќ, социјалната поддршка, животните очекувања, слободата на избор, великодушноста и перципираната корупција.

//