„Но-Уи“ на Лидија Димковска во трка за наградата „Балканика“ за 2016

„Но-Уи“ на Лидија Димковска, издание на „Или-или“, ќе биде македонски претставник во трката за книжевната награда „Балканика“ за 2016 година. Одлуката ја донесе стручна комисија во состав проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и проф. д-р Ермис Лафазановски.

Во нивното образложение се наведува дека „Но-Уи“ е роман-метафора за животот и смртта во кои заемно се проникнуваат фиктивното и фактографското, историјата и совремието, индивидуалните и колективните судбини, големите и малите наративи, домот и туѓината, црно-белата перцепција на стварноста и на човековото постоење воопшто.

Издавачката куќа „Магор“, која го организира изборот на претставник за „Балканика“ од Македонија, соопшти дека покрај книгата на Димковска, во најтесен избор влегле и „Круг“ на Димитар Башевски и „Бродот. Конзархија“ на Томислав Османли.

Во националниот избор за претставник за наградата „Балканика“ од издавачките куќи и од самостојно публикуваните автори биле пријавени  14 книги: „Се буди ѕверот“ на Велко Неделковски;  „Ананка“ на Јусуф Сулејман; „Шех Вардар“ на Ленче Милошевска; „Се гледаме наскоро. Е.“ на Драгана Евтимова и Владимир Лукаш;  „Афоризми“ на  Ефтим Гашев; „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојаноска;  „Војвода Ставре Гогов – јунак и легенда“ на Мате Гогоски; „Доилката“ на Лилјана Пандева; „Војници со гумени чизми“ на Ивица Челиковиќ; „Враќањето на козите“ на Луан Старова; „Три новели“ на Тања Урошевиќ; „Бродот. Конзархија“ на Томислав Османли; „Круг“ на Димитар Башевски и „Но-Уи“ на Лидија Димковска.

Оваа книжевна награда постои од 1996 година. Во Фондацијата „Балканика“ членуваат издавачки куќи од седум балкански држави (Македонија, Србија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција и Романија). За наградата одлучува седумчлена меѓународна стручна комисија, составена од по еден врвен книжевен критичар од секоја држава.

Годинава во една книжевна манифестација, во декември во Скопје,  ќе се одржат две жирирања и доделувања на наградата Балканика 2015 и Балканика 2016.