НМСМ со „Младински отворени денови“ низ седум градови во Македонија

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) во склоп на проектот „Инспирирај младинско учество”, во периодот од 19 до 27 март организираше „Младински отворени денови“ каде што младите луѓе и младинските организации имаа шанса да се запознаат и вмрежат меѓусебно.

Младинските отворени денови беа реализирани во седум градови во Македонија – Штип, Куманово, Тетово, Кичево, Струга, Битола и Скопје и истите освен што регионално ги обединија младинските организации од шест региони, понудија и најразлична уметничко-едукативна содржина за младите од овие региони.

Програмите на Младинските отворени денови беа склоп од саеми за младински организации, како и најразлични работилници, изложби, дебати, трибини, натпревари, предавања, проекции на филмови и забави.

Младинските отворени денови имаа за цел да ја презентираат работата на Националниот младински совет на Македонија, работата на младинските организации, да се презентираат придобивките од членство во Националниот младински совет на Македонија, да се промовира вмрежување и соработка со организациите кои не се членки на Националниот младински совет на Македонија како и да се запознаат на младите со младинските организации и можностите кои тие ги нудат.

Настаните беа дел од кампањата „Кој си носи чадорче…“, кампања за промоција на Националниот младински совет на Македонија, која цели да ги информира граѓанскиот сектор, институциите и пошироката јавност односно, младите пред сè за идејата и работата на самиот совет, како и придобивките од нивно приклучување кон истиот како и да ја доближи својата идеја, своите активности и својата работа поблиску до младите.

Слоганот “Кој си носи чадорче…“ ја симболизира улогата на НМСМ која ги обединува и претставува различните потреби и интереси на младите и придобивките за младите и младинските организации кои произлегуваат од работата на НМСМ.