Низа проблеми пркосат на идејата за урбанистички одржливо Скопје

Долгогодишни експерти од областа на урбанистичко планирање од земјава едногласно се сложија дека постои итна потреба од запирање на градежната експанзија и комплетна ревизија на домашните закони и плански документации за урбанистичко планирање во Скопје, соопштуваат од „Еко-свест“.

Преку панел дискусија на „2017- Чекор поблиску до урбанистички одржливо Скопје”, беа идентификувани проблемите и приоритетни мерки кои би требало да се превземат во текот на 2017 година за да започне процесот на трансформација на Скопје во поодржлива урбана средина, со зголемен фокус на намалување на негативното влијание врз животната средина и човековото здравје.

Низ дискусијата, како клучен проблем беше посочена и пренамената на јавните простори и зелени површини во градежни парцели.

„Најважниот ресурс на градот е зелениот простор. За жал, просторното планирање во Р.Македонија постои само како законска обврска, меѓутоа не во пракса. Како резултат, имаме згради во парк, зграда на кеј, на плоштад, зграда на простор кој е јавен“, рече проф. д-р. Мирослав Грчев.

Беше посочен и проблемот со сообраќајот и мобилноста во главниот град како една од посериозните причини за загадувањето на воздухот во градот.

„Ние не знаеме колку загадување предизвикува сообраќајот, но знаеме дека можевме да го спречиме доколку работевме врз основа на истражувања. Тестиравме 14 раскрсници и заклучивме дека веднаш треба тие раскрсници да бидат решени со надвозници и подзвозници. Се уште не се направени. Отприлика околу 60 – 70.000 возила минуваат кај судска палата, каде речиси сите возила стојат. Дневно трошиме 3400 литри гориво на само таа една раскрсница“, објасни Александар Мешко, сообраќаен инжинер.

Децентрализација на власта во урбанистичкото планирање неколку пати се спомена како нужна потреба, односно на централната власт да ѝ се остави само просторното планирање, а на локалната власт урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот односно градењето.

„Системски урбанизмот е земен од урбанистите. Во уставот експлицитно пишува дека урбанистичкото планирање му е неотуѓиво доделено на локалната власт . Со измените на законите за градење и урбанистичко планирање, одредбата е „откорната“ од ЕЛС спротивно на закон и централната власт ги презема сите овластувања- за да се контролира управувањето со јавното добро“, истакна Грчев.

Во оваа насока како огромен проблем се истакнаа и високите комунални такси за градба наспроти данокот на имот.

„Проблем е што општините се оставени на приходите од комуналиите. Комуналиите се најскапи од цела Европа. Така градежните фирми стануваат шерифи. Општините мора да си најдат извор на приходи“, рече Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Забелешките и мерките кои се донесоа на дискусијата ќе бидат проследени до надлежните, овој настан ќе се повтори и оваа година и искрено се надеваме дека надлежните институции ќе бидат отворени за соработка со цел решавање на горливиот проблем со урбанистичкото планирање и загадувањето на животната средина во градовите на републикава.

Инаку, панел-дискусијата „2017- Чекор поблиску до урбанистички одржливо Скопје“ беше организирана од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, а со поддршка од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.