Нинтендо најавува пробив на мобилните платформи

Надминувајќи ја долгогодишната аверзија кон сите платформи кои не се класични гејмерски конзоли, јапонскиот производител на видеоигри Нинтендо најавува пробив на пазарот на мобилни уреди.

Наскоро, легендарните игри од неговата програма, како Super Mario Bros. ќе можат да се играат на смартфони и таблети, соопшти денеска Нинтендо. Од компанијата велат дека склучиле договор за партнерство со фирмата ДеНА, за да развие „гејмерски апликации“ за смартфони и други уреди кои не се конзоли, јавува Wall Street Journal.

Јапонскиот гејмерски гигант ги има произведено некои од најлегендарните наслови и ликови, но со години одбиваше да се вклучи на растечкиот пазар на мобилни платформи, и покрај конкуренцијата од Сони и Мајкрософт.

Претседателот на Нинтендо, Сатору Ивата, сега најави промена во тактиката и изјави дека ширењето ќе овозможи пристап до стотици милиони нови корисници.

„Ова е веројатно најдрастичната и најхрабрата промена во стратегијата што Нинтендо кога било ја направил“, вели гејмерскиот консултант Серкан Тото.