„Ние одлучуваме“ ќе ги мотивира граѓаните да гласаат и ќе врши надзор на изборните кампањи

Граѓанската кампања „Ние одлучуваме“ беше најавена со прес конференција пре д Собранието денеска. Цел на кампањата е да ги мотивира и охрабри граѓаните да излезат на гласање на 11 декември, а најавена е и СОС линија за пријавување на прекршоци на изборното право и надгледување на изборните кампањи на партиите и буџетското трошење.

Граѓанската акција „Ние одлучуваме“, која ја спроведуваат повеќе до 20 организации низ целата држава, има за цел да ја потенцира важноста на предвремените избори во декември.

„Оваа акција има за цел да ја мотивира излезноста на граѓаните на овие избори, како и да се регистрираат употребите на потенцијалните ресурси и институции за изборни цели, како и заканите и заплашувањата поврзани со избирачкото право. Во рамките на „Ние одлучуваме“ се предвидени мотивирачка кампања за излезеност, бесплатна СОС линија за пријавување на повреди на гласачкото правои мониторинг на партиските изборни кампањи, како и весник којшто го носи истото име како и кампањата“, изјави на прес конференцијата активистката Ирена Стериовска.

Со весникот, активистите ќе ги потсетуваат граѓаните за актиелните состојби во општеството.

Драган Додевски ја потенцираше важноста за постоењето на безбедна СОС линија, на која граѓаните ќе можат да пријават нерегуларности и повреди на нивното гласачко право.

„Никој нема право да ги прашува граѓаните за кого гласале, ниту пак тие имаат обврска да кажат. Изборните притисоци и злоупотреби се кривични дела, и треба да бидат пријавени како и сите други кривични дела. Ги охрабруваме сите граѓани да ја искористат бесплатната СОС линија и да пријават било какви повреди на гласачкото право, како заплашувања, притисоци, уцени или поткуп“.

Линијата е достапна на телефонскиот број 08008880088, а ќе биде во функција секој работен ден од девет до 21 часот.

Тврдат дека тајноста на личните податоци на граѓаните кои ќе пријават злоупотреба е гарантирана.

Активистот Љуми Бекири пак, потенцираше дека младите се оние кои се најзасегнати од политиката, а најмалку се заинтересирани за гласање.

„Ние веруваме дека во Македонија постои перспектива и дека подобра Македонија е возможна исклучиво доколку младите повеќе се ангажират, затоа што политиката им припаѓа ним и на граѓаните, а не само на политичарите“.

Бекири вели дека граѓаните можат да живеат подобро, исклучиво со ангажманот и гласот на младите.

За да помогнат во одржувањето на кредибилни, фер и слободни избори, активистите најавија и дека ќе спроведат мониторинг на изборната кампања на политичките партии, пред и за време на кампањата.

„Ќе ги следиме вработувањата, буџетските плаќања и користењето на други државни ресурси за партиски цели во текотна кампањата. Ќе го следиме финансирањето на политичките партии и изборната кампања во медиумите, како и содржините и поставеноста на информативната програма на МТВ од аспект на функција на јавен сервис“, дополнува Додевски.

Сите информации за акцијата може да се најдат на веб страницата nieodlucuvame.mk, каде редовно ќе се објавуваат аудио, видео и печатените материјали на кампањата, на македонски и на албански јазик, како и најавите за локални акции и караванот кој ќе го спроведуваат.