Писмо на еден Хрват, атеист, педер: Ние излегуваме од плакарот повеќе од кога било!

Од морето реакции, писма, колумни, јавни настапи и дебати околу референдумот за уставно дефинирање на бракот во Хрватска, издвојуваме две спротивставени гледишта. Првото е писмото кое може да го прочитате подолу, во кое еден „Хрват, атеист, педер“ им порачува на иницијаторите на референдумот дека не можат да ја запрат еманципацијата на ЛГБТ-заедницата.

Наспроти ова, ја пренесуваме и колумната на Петар Марков „Лезбиан, бајсекшуал, геј, трансџендер – модернизам“ , првично објавена на порталот „Струмица денес“. Авторот е потпишан како студент, колумнист и истражувач во областа на политиката. Тој изразува противење на „модернизацијата“ на општествените норми.

Иако навидум двете гледишта околу оваа тема не можат да се споредат, сметаме дека нивното конфронтирање може да придонесе за дебатата која деновиве повторно се разви по ова прашање.

Писмо на еден Хрват, атеист, педер: Ние излегуваме од плакарот повеќе од кога било!

Писмо доставено до хрватскиот портал Индекс, а упатено до Жељка Маркиќ, претставничка на иницијативата “Во име на семејството”.

“Ви благодарам госпоѓо Маркиќ, успеавте во тоа во што ниедно излегување од плакарот не успеа, во тоа што ниедна хрватска парада на гордоста не успеа, во тоа што ниеден политичар не успеа (добро,  не беше тешко тие да се престигнат). Донесовте една тема што ги засега малцинствата на насловните страници и ја држевте таму со месеци. Секоја чест.

Предизвикавте небројни дискусии, аргументирани и неаргументирани, ја наведовте цела јавна сцена да се изјасни по ова прашање и што е побитно, во текот на овие месеци сите граѓани се пронајдоа во оваа дискусија и се изјаснија дали се за или против.

Историјата и географијата многупати ја имаат покажано стартната позиција на оваа тема. Мнозинството се против педерите, а аргументите се за педерите. Она што Вие го направивте, за што уште еднаш Ви благодарам – договоривте состанок помеѓу аргументите и граѓанството. Каков состанок, направивте потрес. Вистински бум. Што излезе од потресот? Многу нешта за, ќе бидам пристоен, ЛГБТ заедницата, малку нешта за вас. Односно, само една работа за вас. Името. Бракот. Го заштитивте името, ставивте мал круг во кој пишува ц над бракот. Тоа е сè.

Што доби ЛГБТ заедницата? Почеток. Почеток на нормален живот. Светло на крајот од тунелот. Надеж. 480 000 причини за насмевка. Со оглед на тоа што без дилема и непоколебливо верувам во рационалното однесување на поединците и со оглед на тоа дека знам дека сите аргументи се на страната на ЛГБТ заедницата, овој број само ќе се зголемува. А Вие прилично добро го зголемивте.

Не се сметам за глуп, а за Вас сум сигурен дека сте интелигентна, па ќе бидам толку безобразен и ќе користам инклузивна множина. Вие и јас знаеме, госпоѓо Маркиќ, дека ЛГБТ заедницата и нивниот евентуален брак не го загрозуваат хетеросексуалниот брак, ниту пак семејството на ниеден начин. Вашите аргументи не се аргументи, туку спинови. Избегнување на одговори. Од шупливо во празно. Обединување преку креирање на непријател кој не постои. Вам, а и мене ни е тоа јасно. Она што мене не ми е јасно, а вам ви е, се вашите мотиви и позадина на иницијативата која саркастично беше наречена граѓанска, а гротескно наречена „Во име на семејството“. Она што, да повторам, нам ни е јасно е дека тука не се работи за “копирајт” на бракот.

Како што со недели пред референдумот бев уверен дека оваа дефиниција на бракот ќе влезе во Уставот, така сум уверен дека еден ден таа и ќе излезе од Уставот. Повторно, историјата и географијата така имаат покажано. Референдумот, исто така. Можеби за 10, можеби и за 20 години, но кога-тогаш ќе излезе. Инаку сум атеист, но ако има господ, тоа ќе се случи додека сте се уште жива, госпоѓо Маркиќ. Би сакал да бидете горда граѓанка на Хрватска кога денешното тркало ќе се сврти. Би било штета да не го видите крајот на вашето животно дело. Поттикнавте нешто што повеќе не може да се спречи. Хрватските медиуми веќе со месеци врескаат само за ЛГБТ заедницата. До пред 10 години ретки беа медиумите кои пишуваа на оваа тема. Го направивте зборот педер неутрален, а зборот хомофоб го ставивте во негативен контекст. Поттикнавте општа расправа од размер поголем отколку што во моментов може воопшто да се согледа. Како што и Вие покажавте смисла за иронија со името и титулата на вашата иницијатива, така и времето ќе покаже смисла за иронија. Вашата работа ќе биде крунисана, се надевам што побргу со уште еден референдум. Чиј ќе биде резултатот за состојбата на 30.11.2013. Формално – правен. Општествен никако.

Ние за некоја недела ќе добиеме своја заедница романтично наречена цивилно партнерство. Од бракот се разликува во две работи: нема посвојување на деца и не се вика брак. Гледате госпоѓо Маркиќ, предизвикавте толку аргументирани дебати за да ни забраните нашата заедница да ја нарекуваме брак.

Нè дискриминиравте. Ни дадовте до знаење дека во оваа земја сме помалку вредни. Денес. Но ние не одиме никаде. Тука сме. Тука и ќе останеме. Излегуваме од плакарот повеќе отколку било кога порано. Еве за некоја недела ќе влегуваме и во правно регулирани заедници. Новите деца меѓу нас се раѓаат во околина со поголема свест отколку што била порано. И Вие дадовте придонес во освестувањето госпоѓо Маркич, огромен придонес.

Добро поминете си вечер зашто морам да признаам, победивте госпоѓо Маркич. Пирово победивте. Уште една ваква победа и ќе останете без војници. Се радувам на вашиот следен поход. Се радувам затоа што знам дека снагата на разумот и снагата на добрината не се на ваша страна.

Хрват, атеист, педер

Извор: lgbti.mk/index.hr