Нема правда, нема мир – Собир на македонската заедница во Брисел пред Советот на ЕУ

Под мотото „Нема правда, нема мир“, на 12 мај, пред состанокот на Советот на Министри за надворешни работи на ЕУ, е најавен собир на македонската заедница во Брисел.

Македонската заедница и пријателите на Македонија во Белгија ќе се соберат пред Советот на Европската Унија (Rond Point Schuman) за да дадат својата поддршка за секојдневните протести низ целата земја како стремеж за правда на илјадници граѓани од сите социјални слоеви со различна верска, национална и политичка припадност.

Со собирот тие бараат поддршка и од европските лидери и институции за мирните граѓански протести во земјава, кои, како што велат, се резултат на десетгодишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателската одлука за аболиција на високи владини функционери за криминални активности кои доведоа до уривање на уставнот поредок на државата.

„Бараме, од земјите членки на Европската унија, да воведат ефективни индивидуални санкции против членовите на владејачката партија и нивните соработници, против кои е поведена кривична постапка, се до повлекување на претседателската одлука за аболиција, и целосно овозможување на непречна работата на Специјалното јавно обвинителство. Овие санкции може да бидат во форма на замрзнување на средства имот, како и/или забрана за влез во ЕУ.

Дополнително, бараме од институциите на ЕУ поддршка за европската иднина на Македонија со одржување на земјата на агендата на разговорите на министерскиот состанок на Советот на ЕУ, како и поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство, чија работа е постојано попречена од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нивниот коалиционен партнер ДУИ, како и од Претседателот на Македонија,“ се вели во најавата за протестниот собир“, се вели во најавата за протестниот собир.

Организизаторите забележуваат дека и европските институции предолго време се пасивни во искажувањето на револтот кон владеечката елита, како и дека барањата на граѓаните кои протестираат секој ден, не смеат да бидат игнорирани.

„Сметаме дека игнорирањето на кризата во Македонија на долг рок ќе резултира во поголема нестабилност на регионот и Европа“, се додава во најавата од настанот.