Нема информации за сработеното на студентските правобранители, во дел од Универзитетите не ни постојат

Законот за високото образование предвидува формирање на студентски правобранител на секој универзитет. Ова тело ги штити законските права на студентите утврдени со актите на Универзитетот и на единиците, кога им се повредени од органите на Универзитетот и органите на единиците, како и од други лица вклучени во високообразовната дејност. Сепак, до дел од нив тешко може да се стигне, а на одредени Универзитети воопшто не ни функционираат.

Според истражувањето на Младинскиот образовен форум, во статутите на петте државни универзитети е предвиден студентски правобранител. Но, од нив, само за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се знае дали постои студентски правобранител и дали тој е активен. Радио МОФ се обиде да стапи во контакт со овие луѓе на државните, но и на дел од приватните факултети.

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

Според Статутот на овој универзитет, студентски правобранител може да биде само студент од Правниот факултет, со минимум завршен четврти семестар и просек на студии од најмалку 8,00. Тој добива мандат од две години, но ако универзитетскиот Сенат утврди недоверба во работата на ова лице, тој победува постапка за негово разрешување.

Оваа одговорност две години ја извршуваше студентката Васка Бојаџи, која неодамна стана магистар, со што автоматски ја губи надлежноста и понатаму да ја извршува функцијата. Според Правилникот на Сенатот, таа беше должна најмалку еднаш годишно да достави извештај за нејзината работа. Сепак, на официјалната страница на Студентскиот правобранител, ниту пак, на Универзитетот, може да се најде таков документ. Според ова, останува непознато како се финансира студентскиот правобранител.

Кога се обративме директно до Универзитетот, ни посочија дека за тоа треба да зборуваме со Бојаџи, но до објавувањето на текстот, таа не беше достапна на службениот телефон, а не ни одговори ниту преку мејл.

Од истражувањето на МОФ може да се забележи дека студентите не се запознаени со функцијата на овој студентски правобранител, а воедно и довербата е на ниско ниво. 49,3 отсто од анкетираните студенти на УКИМ рекле дека не се запознаени со нејзината работа, додека 63,6 отсто од оние кои се запознаени ѝ дале оценка 1.

Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола

Статутот на овој универзитет поспецифично ја уредува работата на студентскиот правобранител, покажува истражувањето на МОФ. Овде студентскиот правобранител не мора да биде студент на правни студии со завршен четврти семестар, туку е доволно да е редовен студент со минимум завршен втор семестар и просек 8, 000. Но, студентскиот правобранител на УКЛО е целосна мистерија, бидејќи тој нема своја веб-страница, а ниту пак, е именуван на страницата на универзитетот. И овде важи правилото дека за својата работа преку извештај треба да го известува Сенатот, но и во овој случај отсуствува транспарентност за неговата работа.

Кога Радио МОФ се обрати до службите на овој универзитет, тие не можеа да ни дадат никаков контакт или информација за ова лице, со што се поставува прашањето дали воопшто постои студентски правобранител овде. Слично како и на УКИМ, и овде, поголемиот дел од студентите не знаат дека има ваква позиција.

Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ – Охрид

Студентскиот правобранител на УИНТ се бира идентично како кај УКЛО и УКИМ, и ги има истите надлежности, односно за својата работа треба да достави извештај до Сенатот. Овде таа функција досега ја извршувал Харун Бајрам, но тој во исто време бил и претседател на Студентскиот парламент. Во изјава за Радио МОФ, Бајрам вели дека нема никаков извештај за сработеното во изминатите две години и дека во моментов никој не ја извршува оваа функција, бидејќи се чекало да помине испитната сесија за да се избере нов студентски правобранител.

Со Статутот на УИНТ е предвидено финансирање на студентскиот правобранител преку Универзитетот, но и овде неостасуваат јавни извештаи.

Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип

Правилата за избор и надлежностите на студентскиот правобранител се исти и овде. Но, во Статутот на Студентскиот парламент на УГД не постои одредба која се однесува на студентскиот правобранител, иако Статутот на универзитетот му го овозможува тоа на Парламентот. На прашањето кој е актуелен студентски правобранител, од Ректоратот само не упатија до Горан Стаменов, кој иако веќе 4 години има истечен мандат, се уште се води како претседател на Студентскиот парламент на УГД. Тој, пак, е недостапен на телефонскиот број што ни го дадоа од ректорската служба.

Иако формално постои вакво тело, не постои веб-страница, или пак, јавни достапни акти кои ги објаснуваат начелата за работа. Нема ниту извештаи за работата и финансиите. Ова придонесува за големиот број на студенти кои не знаат дали постои ваков орган, односно 51,6 отсто од нив.

Државен универзитет во Тетово

Државниот универзитет во Тетово има различен начин на регулирање на студентскиот правобранител. Првата разлика е во тоа што овде функцијата студентски правобранител не мора да биде само студент, туку тоа може да биде и професор, но од областа на правните науки. Исто така, неговиот мандат овде трае 4 години и има право на реизбор. Но, овде, наместо на предлог само на Студентскиот парламент, се вклучува и Ректорската управа при одредувањето на заеднички предлог за студентски правобранител што Сенатот треба да го изгласа.

Лицето кое ја врши оваа функција има свој буџет во рамките на буџетот на Универзитетот, кој се обезбедува преку Советот за развој и финансирање на високото образование на РМ. Но, исто како и кај Охридскиот универзитет, неизвесно е финансирањето, бидејќи според Државниот завод за ревизија, ова тело не функционира од 2006 година, а недостасува и извештај за сработеното. Радио МОФ и овде се обиде да добие информации, но и покрај тоа што неколку денови по ред упорно се јавувавме на достапните броеви на Универзитетот, никој не се одзва.

Универзитет на Југоисточна Европа

Статусот на студентскиот правобранител овде е речиси идентичен како и кај другите универзитети, со тоа што овде е познато кој ја врши функцијата и мора двапати годишно да се доставуваат извештаи за сработеното до Сенатот. Студентскиот правобранител, Енкелеј Ајази, за Радио МОФ вели дека тој нема свој буџет, но ако сака да организира одредена активност, тоа мора да биде преку Студентскиот парламент.

„Студентите во нашиот универзитет не знаат што е тоа студентски правобранител, тие се многу неинформирани, ниту пак, имаат волја да знаат, за жал. За време на моето раководење, една од целите е да го смениме тој став меѓу студентите и вработените. Јас сакам студентите да почнат да му ги доверуваат на студентскиот правобранител своите проблеми, а не да ги дискутираат само меѓусебе“, вели тој, додавајќи дека планира да организира дискусии со студенти и професори со цел да ги запознае со своите надлежности и нивните права.

ФОН Универзитет

На вториот приватен универзитет во Македонија, во моментот нема студентски правобранител. Ова ни го потврди Кате Ангелова, член на тамошниот Студентски парламент. Таа за Радио МОФ рече дека се уште не се одржале нови студентски избори, иако тие биле најавени за овој период. Според неа, мандатот на претходното раководство на Парламентот е истечен и моментално нема легитимен претседател. Додава дека според досегашната пракса, функцијата на студентскиот правобранител досега ја вршел претседателот на Парламентот, кој има и свој заменик.

Кои се надлежностите на Студентскиот правобранител?

За професорката од Правниот факултет во Скопје, Ана Павлова Данева, која е втор студентски правобранител во историјата на УКИМ, ова е функција која може да служи само како медијатор помеѓу студентите и професорите.

„Студентскиот правобранител треба да постои со цел да им помогне на студентите полесно да ги остварат своите права, а при тоа не зборува за незаконито постапување на професорите, или на органите на факултетот“, објасни таа во свето излагање за време на презентацијата на истражувањето на МОФ.

Според неа, студентите не знаат кои се надлежностите на нивниот правобранител, па го контактираат дури во ситуација кога се незадодоволни од оценката, или висината на школарината. Во нејзино време, студентите најмногу се жалеле за неефикасното работење на студентските прашања. Таа вели дека Студентскиот правобранител е тотално маргинализирана институција, а вината за тоа ја посочува кај студентите.

Е.П.