Неконтролиран влез на илјадници бегалци во Хрватска, опасност од мини

Илјадници бегалци од вчера пристигнуваат во Хрватска со автобуси, откако унгарските власти ги затворија границите со Србија. Бегалците се заглавени на подрачјето на Товарник, Илок и Батина. Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Хрватска, пред 11 часот денеска во земјата влегле вкупно 6.200 бегалци.

Според министерот за здравство Синиша Варга, во наредните две недели се очекуваат повеќе од 20.000 бегалци. Хрватските медиуми јавуваат дека бројот на бегалците кои пристигнуваат на железничката станица во Товарник е се поголем, а залихите со храна и вода се трошат.

Меѓутоа, постои дополнителна опасност за бегалците  – доколку се движат вон патиштата и обележаните патеки, можат да стапнат на мина, затоа што во Хрватска се уште постојат големи површини кои не се исчистени од мини кои датираат од војната во 90-те.  Поради тоа, властите денеска испратија експерти за деминирање на границата со Србија.

Претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ изјави дека е незадоволна од тоа како поминал првиот ден од влезот на бегалците во Хрватска.

„Хрватска покажа хумано лице, но за мене на прво место е безбедноста на хрватските граѓани и стабилноста на државата. Мислам дека првиот ден во Хрватска влезе преголем број на бегалци. Целиот процес беше прилично неконтролиран и нема потреба да примиме толку бегалци во еден ден, бидејќи едноставно не можеме да ги задоволиме потребите за процесирање и грижа на толку луѓе“, рече Китаровиќ.

Таа најави дека ќе се воведе поголем надзор над границата со цел бегалците да влегуваат само преку службените гранични премини. Воедно, хрватската претседателка посочи дека „не сака да има сцени какви што имало во Унгарија, Македонија и Србија“.

Mедиумите јавуваат дека се повеќе бегалци доаѓаат до импровизираниот влез кој води до железничката станица и ја прашуваат полицијата кога ќе дојде превозот за да ги однесе кон Словенија и Австрија. Тие се изморени, а чекајќи го превозот да пристигне, стануваат нервозни, меѓутоа инциденти засега немало, пишуваат медиумите.

Сите бегалци потенцирале дека нивна желба не била да останат во Хрватска, туку да одат во западните земји. Исто така, дел од бегалците порачуваат дека ако Европа не сака да има бегалска криза, веднаш да ја сопре војната во Сирија.