#НеЕВест: Работилници за медиумска писменост, пријавување до четврток

До четврток (21 септември) напладне е продолжен рокот за пријавување на сите заинтересирани што сакаат да учествуваат на дводневни работилници за медиумска писменост кои ќе се одржат во три градови во Македонија, организирани од Националниот младински совет на Македонија и Радио МОФ.

Работилниците преку теоретска и практична работа ќе ве обучат да ги препознавате лажните вести, манипулативните содржино во медиумите, како и техниките на пропагандата. Обуките ќе ве воведат во основите на новинарството, а учесниците на работилницата ќе научат да прават разлика меѓу објективните и етички, наспроти неетичките новинарски објави. Посебен акцент ќе биде ставен на говорот на омраза. Дополнително ќе бидат обезбедени менторства за разработката на текстови, видео и аудиоприлози, подкасти, по избор на учесниците.

Обуките ќе се реализираат викендов во Тетово (23 и 24 септември), следниот викенд во Велес (30 септември и 1 октомври) и во Скопје на 7 и 8 октомври.

Обуките се дводневни [со времетраење од по 6 часа вклучувајќи и паузи]. Кандидатите за учество на обуките треба да се на возраст од 15 до 25 години и да покажуваат интерес за новинарство. Сите заинтересирани можат да се пријават најдоцна до 15 септември на овој ЛИНК, или да го пополнат формуларот подолу. За сите информации контактирајте не на info@radiomof.mk или на ФБ страницата на Радио МОФ.

Повикот за учество на работилниците е отворен за сите млади кои сакаат да го збогатат своето новинарско искуство и знаења, но и да се инспирираат и научат повеќе од новинарите на Радио МОФ. Обуките се наменети за млади кои сакаат да пишуваат и истражуваат. Методологијата на работа се базира врз принципот на неформално образование кое вклучува интеракција и практична работа со учесниците.

Бројот на учесници е ограничен. Обуките се бесплатни и ќе бидат спроведени на македонски јазик од страна на искусни обучувачи од Радио МОФ. При селекцијата на кандидатите ќе биде земен предвид етничкиот и родовиот баланс на групите, а приоритет ќе имаат оние учесници кои први ќе се пријават.

Работен јазик за работилниците е македонски.

Целта на проектот „Младинска медиумска писменост“ е подигнување на свесноста кај младите учесници за критичко размислување, за аналитичен пристап на информациите кои ги добиваат од медиумите и способност за евалуација на содржината.

Проектот се спроведува со помош на грант доделен преку проектот„Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Коалиција за медиумска писменост”, што го спроведува Високата школа за новинарство и односи со јавност, а во соработка со Институтот за различности во медиумите од Лондон и весникот „Нова Македонија“ со финансиска поддршка од Европската Унија.