Не успеа референдумот во Ново Село

Пропадна референдумот во Ново Село поради недоволната излезност на жителите на општината кои денеска се изјаснуваа дали се за или против изградба на рудникот за бакар и злато Иловица на Огражден. Во избирачкиот список право на гласање имаат 11.432 граѓани, од кои барем половина требаше да излезат на референдумот за тој да биде успешен.

Проблемот, сметаат иницијаторите на референдумот е во тоа што голем дел од жителите на Ново Село се иселени во странство, но се уште фигурираат во избирачкиот список. Оттука, исполнувањето на неопходниот цензус за успешност на референдумот од повеќе од 50 отсто од гласачите не е постигнат. Тие пак кои гласаа сметаат дека отворање на најавените рудници ќе биде погубно за земјоделството од кое егзистира оваа општина.

Пред две недели референдум за Иловица имаше и во Босилово, кој исто така пропадна поради недоволна излезност.  Претходно успешни референдуми против нови рудници се спроведоа во Гевгелија, Богданци и Дојран, додека референдумот во Валандово беше прогласен за неуспешен, поради излезноста.