НБРМ со едукативни брошури за поголема финансиска писменост на младите

Што се парите? Како мудро да се управува со нив? Која е нивната функција и форма?

Ова се само дел од прашањата чии одговори можат да се најдат во двете нови едукативни брошури наменети за младите, изготвени од  Народната банка на Република Македонија (НБРМ), во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ).

Публикацијата „Патување во светот на парите“ е наменета младите да се информираат и да научат нешто повеќе за историјата, потеклото и употребата во сегашноста на парите како важен дел од секојдневниот живот, додека брошурата „Водич за финансиска едукација“ нуди совети за попаметно управување и одговорно трошење на парите и за предностите на штедењето.

Целта на издавањето на овие едукативни публикации, според НБРМ, е да им се помогне на младите граѓани да донесуваат здрави финансиски одлуки уште од рана возраст.

„Управувањето со парите се најзастапените форми на лични финансии и ја опфаќаат секоја група граѓани, почнувајќи од децата и младите. Заштедите може да помогнат во постигнувањето одредени финансиски цели, без разлика дали тоа ќе значи плаќање годишна школарина, купување нова компјутерска или спортска опрема, а притоа без да се дојде до состојба на барање заем“, посочуваат од НБРМ.

Брошурите се достапни на македонски и на албански јазик, во кои се објаснува историјата на парите, коишто овозможуваат стекнување општа финансиска писменост на лесно разбирлив и едноставен начин.

Публикациите се дел од активностите спроведени во рамките на „проектот за финансиска едукација“.