Научници тестираа Li-Fi во реалниот свет, се покажа стопати побрзо од Wi-Fi

Во наредните неколку месеци научници активно ќе работат на „Li-Fi“ – брз безжичен пренос на интернет сигнал, со користење на видлива светлосна комуникација (VLC). При тестирањето на оваа технологија во лабораторија, научниците постигнале брзина од 224 гигабајти во секунда.

Тие решиле оваа технологија да ја испробаат во канцеларии и индустриски средини во Талин, Естонија, каде успеале да постигнат брзина од 1 гигабајт во секунда, што претставува сто пати побрзо од просечната брзина на Wi-Fi.

Li-Fi технологијата ја развил Харалд Хас од Универзитетот во Единбург во 2011 година, кога првпат демонстрирал дека со светлина од LED светилка може да се пренесе повеќе податоци отколку мобилните репетитори.

Оваа технологија се заснова на VLC, посредник што користи видлива светлина меѓу 400 и 800 терахерци. Тоа функционира како напреден облик на Морзеовата азбука, како исклучување и вклучување на батериска лампа за да се испрати тајна порака. На истиот начин, кога LED светилката се вклучува и исклучува со голема брзина, може да се користи за пишување и пренесување на податоци во бинарен код.

Една од предностите на оваа технологија во однос на Wi-Fi е што светлината не може да поминува преку ѕидови, што го прави процесот многу побезбеден.