Научници открија планета слична на Земјата што орбитира до најблиската ѕвезда

Научниците од Европската јужна опсерваторија соопштија дека откриле планета слична на Земјата, што кружи околу Проксима Кентаур, најблиската ѕвезда до нас по Сонцето, и се наоѓа во зона во која на неа може да има вода во течна агрегатна состојба.

Планетата наречена Проксима Б кружи околу ѕвездата Црвено џуџе, а стручњаците веруваат дека постои шанса таа да е најблискиот свет надвор од Сончевиот систем на кој може да има живот.

Ѕвездата Проксима Кентаур е наречена така, бидејќи „проксима“ на латински значи блиску.

Црвеното џуџе има маса околу една осмина од масата на Сонцето и е составен дел од тројниот состав на ѕвездите. Кружи околу Алфа Кентаур А и Б кои спаѓаат меѓу најсјајните ѕвезди на јужното небо. Од тие три ѕвезди, најблиска е до Земјата.

Планетата е откриена со помош на спектрографот ХАРПС на 3,6-метарскиот телескоп Ла Сиља, во пустината Атакама, во Чиле.

Собраните податоци покажаа дека обиколката на планетата околу ѕвездата се изведува за 11,2 дена.

Деталната анализа на податоци укажува дека масата на Проксима Б е најмалку 1,3 пати поголема од масата на Земјата и дека се движи на одалеченост од околу седум милиони километри од матичната ѕвезда, што е околу пет отсто оддалеченост меѓу Земјата и Сонцето.

Иако Проксима Б кружи околу црвеното џуџе на многу помала одалеченост од онаа меѓу Меркур и Сонцето, џуџето има многу послаб сјај, така што се наоѓа во зона во која на неа може да има вода во течна состојба.