НаТочак: Полициско возило удри во велосипедист среде Скопје

На семафорот пред ЕУ инфо центар, полициско возило, на пешачки премин, удри во велосипедист, објави иницијативата „НаТочак“.

Под постот на ФБ е поставенна и фотографија од сообраќајната незгода во центарот на Скопје. Се појаснува дека полициското возило свртело десно, заобиколувајќи го триаголникот и го удрил велосипедот додека поминувал пешачки на зелено. Велосипедистот, информираат од „НаТочак“ ја преживеал несреќата и е добро. Истовремено апелираат до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, да почне со решавање на овој системски проблем.

„Ова е еден од низата случаи за кои НаТочак укажува за третманот на полициските службеници кон велосипедскиот сообраќај. Секојдневно сме сведоци на паркирани полициски коли на велосипедска патека, наместо службениците да се ангажираат во казнување на автомобилите кои го практикуваат тоа, тие самите ја загрозуваат безбедноста. Секојдневно сме сведоци на непрописно возење, прекршување правила и прописи од страна на полицијата, дури и кога нема пуштено ротациони светла, но општоприфатено е тоа да се толерира бидејќи – тие се полиција.

Имаме системски проблем. Бараме многу посериозен ангажман од МВР заедно со РСБСП за едукација на службениците во однос на велосипедскиот и пешачкиот сообраќај. И ние сме сообраќај рамноправен со останатите. За безбедност НаТочак!“, алармираат од иницијативата.