Наставник тврди дека е отпуштен бидејќи е активист на „Шарените“, директорот се правда со малиот број на часови

Наставникот по македонски јазик Владо Димовски, до неодамна вработен во ОУ „Алија Авдовиќ“ во селото Батинци, општина Студеничани, тврди дека е отпуштен од работното место бидејќи протестирал за време на Шарената револуција, а обвинува и на дискриминација на етничка основа. Четворица наставници Македонци добиле отказно решение, тврди тој, а на нивно место дошле колеги Албанци со пониско образование.

„Откако гостував на емисија во Телма каде го критикував образовниот систем, раскажува, само, три-четири дена подоцна добив отказно решение. Отпуштени сме четворица наставници Македонци, а во отказното решение не добив никакво образложение за прекинот на работниот однос“, обвинува за неправедно отпуштање Димовски.

Директорот на училиштето, Кенан Имери, тврди дека ваквите обвиненија се сосема неосновани.

„Ние сме училиште кадешто се изведува наставата на четири наставни јазици: албански, македонски, турски и бошњачки. Имаме околу 1420 ученици. Освен централното училиште, има и уште пет подрачни училишта. Во едно подрачно училиште, во с.Црн Врв, дојде до драстично намалување на бројот на учениците и паралелка се комбинира со одобрение од Министерството за образование. Владо Димовски, бидејќи не му беше одобрено барањето за трансформација (да има договор на непоределено работно време, а не на одредено), беше автоматски оставен без часови. Имавме седуммина наставници по македонски јазик, а ни останаа 113 часови по предметот. Така што, Димовски сега се смета за технолошки вишок и затоа остана без часови“, го оправдува решението за отпуштање на наставникот директорот Кенан Имери.

За тврдењата на Димовски дека е отпуштен бидејќи бил активист на Шарената револуција, Имери убедува дека е чиста лага.

„Со Димовски сме веќе дојдени до суд. Првото рочиште се одложи за 10 март, па судски ќе расчистиме дали отпуштањето е неправено. Но, тој беше пријавен на одредено време и јас не можам да оставам без часови наставници по македонски јазик кои се вработени во ова училиште на неопределено време“.

Димовски смета дека треба да добие анализа со број на ученици и часови, како и број на вработени, и дека ваквите бројки се дадени паушално.

„Во моето отказно решение не се наведени никакви причини, апсолутно никакви причини. Ова што го слушам од вас, мене не ми беше кажано. Решението е сосема штуро – пишува дека се прекинува работниот однос и никому ништо“.

Наставникот, кој е инаку и генерален секретар на невладината организација „Центар за меѓуетничка толеранција“, се пожалил на повеќе места, а покренал и тужба врз повеќе основи – неправедно отпуштање, мобинг, дискриминација и одбиено барање за трансформација.

Имери вели дека Димовски неправедно го обвинува, а  особено се брани од обвиненијата дека дискриминирал вработени врз етничка основа.

„Кај мене има повеќе од 60 наставници Албанци, 20 Македонци, 17 Турци. Меѓучовечките односи кај нас се одлични, ние сме пример на училиште во Македонија кадешто наставата се изведува на повеќе јазици“.

За останатите тројца наставници Македонци кои останале без работно место, вели дека се отпуштени бидејќи две подрачни училишта, во с.Цветово и с. Елово, почнале да изведуваат настава на турски јазик, за што добиле одобрение пред тој да биде директор на училиштето. Пред шест години, овие тројца наставници, кои се инаку одделенски наставници, останале без часови. Имери вели дека доаѓале на работа во централното училиште, земале плата, но не работеле ништо.

„Иако ние како училиште ги известивме Општина Кисела Вода, Општина Сопиште и Општина Зелениково, да ги преземат овие наставници, бидејќи имаат работно искуство над 15 години. Меѓутоа, досега нема интерес во тие училишта, поради што останаа во нашето училиште како технолошки вишок“.

Откако јавно зборуваше за неговото отпуштање, Димовски истакнува дека не добил некаква реакција од Имери, и случајот е се уште во статус кво.

С.Т.