Народниот правобранител го осудува насилството и селективното постапување на МВР

Народниот правобранител најостро ги осудува вчерашните случувања и упадот во Собранието на Република Македонија, насилството врз пратениците и новинарските екипи. Истовремено го критикува непрофесионалното и селективно постапување на Министерството за внатрешни работи, кое наместо да го спречи го овозможи насилството.

„Примената на двојни аршини во работата на овој орган, ги потврди констатациите на Народниот правобранител за длабоката партизираност на ова Министерство, што е за секаква осуда. Народниот правобранител ја критикува инертноста на полициските службеници кои видно од вчерашните снимки, иако беа присутни не реагираа, и дозволија насилство, а новинарите  беа попречени во вршење на својата работа и беше повредена слободата на медиумите“, стои во реакцијата.

Според Народниот правобранител насилството не е метод за решавање на  недоразбирањата и несогласувањата каде било, а особено не во Собранието. Недозволиво е органот чија основа надлежност е обезбедување на сигурноста на граѓаните да направи сериозни пропусти, со што, вели Правобранителот, ги загрози животите на присутните во Собранието на РМ.

„Народниот правобранител повикува Министерството за внатрешни работи неодложно да се воздигне над партиските интереси и на ефикасен и професионален начин да ја извршува својата функција во најдобар интерес на граѓаните. Повикуваме на разум и апелира сите чинители, особено лидерите на политичките партии да се одважат и на јасен и недвосмилен начин да го осудат и да се дистанцираат од насилство и самовоиле, со што истовремено ќе овозможат формирање на институциите без насилство, а во интерес на граѓаните“, соопштуваат од Народен правобранител.