Народен правобранител: Одлуката на Уставниот суд ја доведува во прашање заштитата на децата

Народниот правобранител изрази голема загриженост за донесената одлука на Уставниот суд, за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување, а особено можноста Претседателот да помилува лица кои се гонат или се осудени за кривични дела против половата слобода и половиот морал, сторени спрема деца и малолетни лица.

„Со оваа одлука се доведува во прашање превенцијата и заштитата на слободите и правата на децата, но и се уриваат сите досега направени реформи, вклучувајќи го и регистарот на педофили, а кои имаа за цел востановување и функционирање на сеопфатен систем за ефективна заштита на децата од злоупотреби.

Неслучајно, најдобриот интерес на детето е втемелен и е водечки во сите меѓународни и домашни акти за превенција и заштита на слободите и правата на децата“, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.

Според Народниот правобранител, во случаите кога се засегнати правата и интересите на детето, како категорија граѓани кои уживаат посебна заштита, особено поради возраста и неможноста самите да се заштитат во донесувањето на одлуките и при примената на законите, треба да се има предвид и фактот дека сторителите на дела, со кои се злоупотребуваат децата – педофилите, според истражувањата најчесто го повторуваат делото, и затоа кон нив се применуваат построги казни.

„Народниот правобранител упатува апел, Претседателот на државата, во чија надлежност е помилувањето, со крајна внимателност да пристапи кон ова чувствително прашање, пред се водејќи се од општествениот интерес за почитување на најдобриот интерес на детето, како и превенцијата и заштитата на идните поколенија.

Истовремено, Народниот правобранител изразува загриженост од донесената Одлука на Уставниот суд, што се однесува и на можноста за помилување на лица сторители на кривични дела против изборите и гласањето. Со оглед на тоа што станува збор за фундаментално право кое треба да се остварува без притисоци, уцени и закани, санкционирањето на делата против изборите трба да оди во правец на јакнење, а не на слабеење на институциите и владеењето на правото. Само со остварување на избирачкото право на еднаков начин на општи, непосредни и слободни избори се добива неспорен и реален легитимитет“, се вели во реакцијата.