Нападнат најголемиот турски аеродром, најмалку 10 лица се починати

Најмалку десет лица се убиени при напад на најголемиот аеродром во Турција, Истанбул Ататурк, соопштија турските власти.

Двајца осомничени се разнеле надвор од пунктот за безбедност на влезот на меѓународниот терминал, откако полицијата почна да пука кон нив, според друг официјален турски претставник.

Портпаролот на полицијата во Истанбул изјави за Гардијан дека „експлодирала бомба и дека има многу жртви“, додавајќи дека точниот број се уште не е познат.

Според првичните информации, најмалку десет лица се убиени, а повеќе од 20 се повредени. Странските медиуми пренесуваат дека бројката на починати стигнала до 28 лица, додека 60 лица се повредени. За министерот за правда Бекир Боздаг ова е „терористички напад“.

Тој додаде дека има информација во врска со терористичката група одговорна за нападот, но дека нема да го соопшти тоа се додека не биде потврдено.

Портпаролот на полицијата изјави дека едно лице, „можеби бомбаш самоубиец“ пукало кон полицијата која била надвор од аеродромот за да добие пристап до меѓународниот терминал пред да ја активира бомбата.

Сведок на аеродромот за турското Си-Ен-Ен изјави дека пукотницата се слушала од паркингот на аеродромот. Таксистите и амбулантните коли превезуваа повредени лица од аероддромот.

Полицијата го спречи пристапот до аеродромот, а некои летови се пренасочени од Истанбул. Според државната телевизија, патниците се евакуирани на безбедно место.

Засега никој не ја презеде одговорноста за експлозиите, а турските власти издадоа забрана за емитување на нападот. Турските медиуми известуваат дека целиот авиосообраќај е запрен и дека полицијата ги блокирала сите патишта што водат до и од аеродромот.

Турција е во состојба на засилена безбедност по низата терористички напади.

За двата смртоносни бомбашки напади во Истанбул, кои се случија на почетокот од оваа година, беше обвинета Исламската држава. Во јуни, автомобил-бомба уби 12 луѓе во централната област Везнечилер во Истанбул, напад за кој беа обвинети радикални курдски милитанти.