Напад на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул: 36 мртви и повеќе од 140 повредени

При напад со оружје и бомба на Интернационалниот аеродром „Ататурк“ во Истанбул загинаа 36 лица, а беа повредени повеќе од 140, соопштија државните претставници.

Тројца напаѓачи синоќа почнаа да напаѓаат надвор и внатре во терминалот, и се разнесоа откако полицијата пукаше во нив, велат властите.

Премиерот Бинали Јилдирим рече дека првичните показатели посочуваат дека Исламската држава е извршител на нападот.

Според турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, нападот треба да служи како пресвртна точка во глобалната борба против милитантните групи.

„Бомбите кои денеска експлодираа во Истанбул можеа да експлодираат во кој било друг град, во која било друга држава“, рече тој во своето обраќање.

САД го нарече нападот „грозоморен“, велејќи дека Америка и понатаму ја изразува нивната поддршка за Турција.

Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер, пак, го нарече нападот „кукавички и брутален“.

Говорејќи неколку часа по нападот, премиерот Јилдирим изјави дека најмалку 36 лица се убиени, многу поголем број на луѓе се повредени, некои сериозно, а меѓу жртвите најверојатно има и странски државјани.

Македонското Министерство за надворешни работи се уште нема информации дали меѓу жртвите и повредените во терористичките напади на аеродромот во Истанбул има македонски државјани. Тие велат дека се во постојана комуникација со амбасадата во Анкара, Конзулатот во Истанбул и турските власти.

Турскиот премиер информираше дека напаѓачите пристигнале на аеродромот со такси. Снимките, кои синоќа се споделуваа на социјалните мрежи, покажуваат дека еден од напаѓачите трча во салата за заминување и луѓето околу него бегаат. Тој е застрелан од полицијата и останува на земја речиси 20 секунди пред да се разнесе. Сите тројца напаѓачи се убиени, соопшти турската полиција.

Министерот за правда Бекир Боздаг рече дека бројката на повредени изнесува 147 лица.

Таксистите беа користени за да ги однесат жртвите во болница по нападот. Очајните роднини на исчезнатите подоцна се собраа пред локалната болница каде беа однесени голем број од повредените. Некои од нив изразуваа револт поради недостигот на информации.

Летовите надвор и кон аеродромот беа одложени по нападот. Утрово аеродромот продолжи со работа, но една третина од летовите се откажани, а голем дел се одложени.

Пол Рос, кој требаше да лета дома во Јужна Африка, за Ројтерс изјави дека го видел едниот од напаѓачите.

„Тој беше целиот облечен во црно. Неговото лице не беше маскирано. Ние паднавме зад пунктот, но јас застанав и го погледнав. Две експлозии се случија кратко една по друга“, изјави Рос.

„Тој се сврте и почна да доаѓа кон нас. Тој држеше пиштол во неговата јакна. Нервозно погледна околу себе да види дали некој се обидува да го запре и продолжи кон лифтот. Потоа, слушнавме уште едно пукање и експлозија и се заврши“, опиша тој.

Хаштагот #PrayforTurkey („Моли се за Турција“) почна да се користи на Твитер по нападот.

За двата смртоносни бомбашки напади во Истанбул, кои се случија на почетокот од оваа година, беше обвинета Исламската држава. Во јуни, автомобил-бомба уби 12 луѓе во централната област Везнечилер во Истанбул, напад за кој беа обвинети радикални курдски милитанти.