Наместо политичка полиција, служби кои нема да го злоупотребуваат прислушувањето

Бараме итни и темелни реформи во целиот сектор, безбедносниот систем. Не може да сме задоволни од пристапот на Владата дека они се „добри момчиња“ и сега системот (за следење на комуникациите н.з.) кој лесно можеше да биде злоупотребуван од друга власт, нема да биде злоупотребуван само затоа што имаме нова гарнитура, рече денес претседателот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Гордан Калајџиев.

Тој како претставник на Комитетот и уште неколку организации од полето на владеење на правото и човековите права, изразија незадоволство со инклузивноста и транспаретноста на процесите. Ова особено важи за секторот за внатрешни работи. Воедно, поднесоа барање за поведување постапка за уставноста на четирите членови 175-178 од Законот за електронски комуникации. Тоа е всушност дополнување на веќе поднесената иницијатива за преиспитување на членот 175, за која Владата даде мислење и побара Уставниот суд да ја запре постапката.

Владата смета дека иницијативата е парцијална и не и’ приоѓа на темата сеопфатно, и пресретнува еден процес кој е веќе во одмината постапка, меѓутоа, Андреја Стојковски од „Еуротинк“ нагласи дека само Собранието може да ги толкува Законите.

„Владата нема такво овластување. Дополнително, анализирајќи го Законот за електронски комуникации, утврдивме дека членот 175 само ја утврдува обврската операторот да дозволи следење на комуникациите. И ако се расправа само за тоа, а останат другите членови, ќе се направи дополнително нарушување на системот, од причина што членовите дополнително ги регулираат обврските и односите на операторот во следењето на комуникациите, начинот на прибирање на податоците и кој податоци се прибираат и обработуваат“, објасни претседателот на „Еуротинк“, барајќи Уставниот суд да одлучува и ги укине четирите членови 175-178.

Калајџиев нагласи дека како граѓани, едноставно не се задоволни, ниту сметаат дека степенот на гаранции од злопотреби во Македонија е на такво ниво што ќе оневозможи злоупотреби со системот во целина.

„Генералниот пристап кој на МВР им дозволува самопослужување и пристап до сите податоци, од што на нивна добра волја ќе веруваме дека го прават само кога ќе имаат судска одлука, е недоволен. Дури кога би постоела (добра волја н.з) кај политичката елита, немаме гаранции дека нема да го злоупотребуваат поединци“, рече Калајџиев.

Оттука, рече тој, бараат не само итност за проблемот со прислушувањето и системот за кој МВР предлага определен модел по примерот на Хрватска, туку и граѓанскиот сектор да биде активно вклучен во реформскиот процес. Ова е затоа што за жал, вели тој, МВР останува на некои стари лоши позиции што ВМРО-ДПМНЕ ги воведе како „стандард“.

Гордан Калајџиев

„Реформи во тој дел на законодавството, а се работи за закони што влегуваат во основни човекови права и слободи, да бидaт работени во тесни групи внатре во МВР. Така поминаа измените за Законот за полиција без никаква консултација од граѓанскиот сектор, експертската и пошироката јавност. И како изминуваат роковите, ние се плашиме дека ветувањето за инклузивен процес ќе не стави во тесно, со оглед на роковите на Владата за испорака на резултати за евроинтегративните процесите“, нагласи Калајџиев.

Според него, во секторот Правда ситуацијата е подобра, но сепак упати критика кон Советот за реформи во судството, кој „на некој начин е блокиран во неговата улога“. Смета дека идеално би било Правда и Внатерешни работи да функционираат под еден чадор, како што се третираат во демократска Европа. Конечно, бараат гаранции и соодветен механизам дека нема повеќе да опстојува политичка полиција, туку функционални и транспарентни безбедносни служби.

Стојковски од „Еуротинк“ спомена дека иницијативата на организациите e во согласност со одлуката на Европскиот суд на правдата, кој одлучи дека масовното задржување на телекомуникациските податоци го прекршува правото на приватен живот и правото на заштита на личните податоци на поединците. Потсети и на Прибе дека „една заробена не треба да биде заменета со друга заробена држава“.

Истовремено, вели тој, прислушувањето не беше единствениот проблем за политичката криза, туку и недостатокот на одговорност. Оттука, смета дека нема потреба воопшто да се размислува за предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за амнестија за обинетите за инцидентите за 27 април.

„Ако продолжиме да ја поддржуваме таквата неодговорност и исклучување на сите од рамки на законот, тоа само ќе биде продолжување на политичката криза, нема да значи никакво поместување. Онака како што е пропишано во Кривичниот законик, она што се случуваше во Собранието е акт на тероризам. Ако е така, тогаш која е поентата да амнестирате терорист? Со терористите едноставно не се преговара“, рече Стојкоски.

Инаку, иницијативата до Уставен суд ја испратија „Еуротинк“ – Центар за европски стратегии, Хелсиншки комитет,  Асоцијација за развојни иницијативи – „Зенит Скопје“, Форум за истражување на безбедносни политики „Секуритас“ и проф. д-р Трпе Стојановски.

Бојан Шашевски