Најмногу правници, ама и новинар, географ и пожарникар – мапа на образованието на европските лидери

Корисникот „coneyislandimgur“, на платформата Реддит изработил мапа на Европа на која е прикажано какво универзитетско образование завршиле политичките лидери на секоја посебна држава.

Веројатно не е изненадувачки дека мнозинството претседатели на влади во Европа се правници – вкупно 16 држави се предводени од правници. Меѓу нив и четири од државите од поранешна Југославија – Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и Русија, Шпанија, Данска и други.

На второ место по бројност се лидерите со факултет за економија, бизнис или менаџмент во својата биографија. Во оваа категорија се и Македонскиот премиер Зоран Заев, српската премиерка Ана Брнабиќ и лидерите на балтичките земји Летонија, Литванија и Естонија.

Од останатите држави во нашето окружување, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, има завршено противпожарна одбрана, премиерот на Грција, Алексис Ципрас е инженер, а Еди Рама од Албанија има диплома од факултет за уметности.

Некои од поспецифичните примери се и оние на шведскиот премиер Стефан Лофвен, кој нема универзитетска диплома. Тереза Меј од Велика Британија завршила географија, ирскиот премиер Лео Варадкар медицина, досегашниот австриски канцелар, Кристијан Керн, бил дипломиран новинар, додека претседателот на Белорусија, Александер Лукашенко, завршил институт за педагогија.

Според мапата, единствениот европски државен лидер кој по професија е политиколог е Паоло Џентилони од Италија.

Целосната мапа можете да ја погледнете ОВДЕ.