Најмалку 13 убиени при вооружен напад на колеџ во Орегон

Најмалку 13 лица загинаа, а околу 20 се повредени синоќа во пукање на колеџ во градот Розебург во Орегон, предизвикано од 26-годишен вооружен напаѓач, пренесуваат странските медиуми.

Студентите ги опишале грозоморните сцени од масакрот кој настанал додека имале предавање во една од зградите на колеџот, односно гужвата која се создала кога луѓето почнале да бегаат од предавалните откако слушнале истрели.

Колеџот беше затворен, а напаѓачот убиен, по престрелка со полицијата, соопштија властите. Претходно, пред кампусот се собрале преплашени родители, кои со полицијата го следеле крвавиот напад.

Полицијата го идентификуваше убиецот како Крис Харпер Меркер и соопшти дека имал три оружја и живеел во околината на Розебург.

Некои од сведоците пак, изјавиле дека напаѓачот ги прашувал жртвите за нивната религија пред да почне со пукањето.

На прес-конференцијата која беше свикана по повод пукањето, локалниот шериф Ханлин рече дека нема да го спомне името на напаѓачот.

„Ќе бидам многу јасен, нема да го именувам напаѓачот. Јас нема да му дадам значење кое тој веројатно го барал пред овој ужасен и кукавички чин“, апелираше шерифот, апелирајќи до медиумите да не прават сензација од него, бидејќи не ја заслужувал.

Пукањето предизвика гнев и кај претседателот Барак Обама кој синоќа ја призна својата немоќ да спречи уште една трагедија.

„Вечерва, оние кои имаме среќа да ги прегрнат своите деца размислуваат за оние кои ја немаат таа можност. Јас би го замолил американскиот народ да размисли за тоа како нашата Влада може да ги измени овие закони, да ги спаси овие животи и да им овозможи на овие луѓе да пораснат“, рече Обама за време на синоќешното обраќање.

Тој ја искажа својата лутина и фрустрација што се почесто излегува на говорницата во Белата куќа да зборува за ново масовно убиство.