Наградна игра за промоција на велосипедизмот и убавините на Македонија

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) организираат наградна игра под мотото „Македонија се сака на точак“.

Наградната игра почнува денеска, а право на учество имаат сите ФБ корисници кои се државјани на Македонија и се над 13-годишна возраст. За учество е потребно да се прикачи фотографија со велосипед, направена во земјава, на која ќе бидат прикажани и убавините во Македонија. Фотографијата не треба да е направена при управување на велосипедот.

Наградната игра може да се најде на следниот ЛИНК . Апликацијата е наменета за лична употреба, а за учесниците се предвидени парични и друг тип на награди обезбедени од организаторите. Изборот за највисоката парична награда, во вредност од 30.000 денари ќе биде наменета за најубавата фотографија, избрана од жири комисија составена од пет члена. Парични награди од 18.000 ден, 12.000 ден и 6.000 ден ќе бидат доделени на фотографиите кои ќе освојат најголем број на гласови/лајкови на ФБ.

Освен паричните награди ќе бидат доделени и осум ваучери за бесплатно ноќевање за двајца во осум хотели низ земјава. Добитниците на наградите ќе бидат објавени седум дена по завршувањето на наградната игра, на Светскиот ден на туризмот – 27 Септември.