Наградени најдобрите дела од проектот „Млади уметници“

Повеќе млади автори чии уметнички дела се избрани за најдобри беа наградени како дел од проектот „Млади уметници“, соопшти Агенцијата за млади и спорт.

Проектот има за цел да даде поддршка на младите талентирани уметници, како и поттикнување на младите луѓе да ги покажат своите дела пред јавноста, но и да ги мотивира и понатаму да творат и да го развиваат својот талент.

Дело: Тишина

Дело: Тишина

Можност да учествуваат на конкурсот имаа млади луѓе на возраст од 15-29 години во рамки на 5 дисциплини: сликарство, скулптура, графика, графички дизајн и фотографија. Во рамки на конкурсот пристигнале 39 дела и тоа за сликарство: 19 дела, скулптура: 3 дела, графика: 7 дела, графички дизајн: 2 дела, фотографија: 8 дела.

Од АМС информираат дека за избор на најдобрите дела била формирана специјална комисија за селекција во состав: Гоце Наневски (универзитетски професор и продекан за настава на Факултетот за ликовна уметност), Славица Јанашлиева (универзитетски професор – графичар), Игор Сековски (графички дизајн, слободен уметник и дизајнер), Ана Лазаревска (професионален фотограф), Маја Чанкуловска Михајловска (историчар на уметност и куратор во Национална галерија на Македонија).

Дело: Спирала

Дело: Спирала

Во категоријата графички дизајн не биле пристигнати доволен број на дела за селекција.

Земајќи го предвид квалитетот на делата во категоријата сликарство, Комисијата одлучила да бидат доделени две награди по сликарство на делото „Спирала“ на авторот Верче Стевковска и на делото „Тишина“ на авторот Наташа Петковска.

Во областа графика, наградата ја доби делото „Рогови“ на авторот Катерина Божиновска.

За најдобра скулптура е наградено делото со наслов „Минута за себе“ на авторот Ивана Пирковска, а за најдобра фотографија е наградено делото со наслов „Насока“ на авторот Ива Тоцили.

Дело: Рогови

Дело: Рогови

Младите автори од Агенцијата за млади и спорт добија ваучери од 40 000 денари. Агенцијата додели и специјална благодарница за надежен млад автор на 15-годишната Сташа Божинова, за делото „Diversity and love“.

Наградени најдобрите дела од проектот „Млади уметници“

Во Националната Галерија на Македонија – Мала Станица од 26-28 февруари ќе биде организирана изложба „Young Art 2015“ на која ќе бидат изложени сите дела кои пристигнале во текот на конкурсот.

Изложбата ќе има продажен карактер и сите заинтересирани ќе можат да ги откупат квалитетните дела од младите уметници кои учествуваа на конкурсот. „Млади уметници“ е проект организиран за прв пат годинава, од страна на Агенцијата за млади и спорт.