Награда за социјално претприемништво – развој на кариерата на младите преку правење добро за сите

Втора година по ред во Македонија се одржува натпреварот за социјално претприемништвоSocial Impact Award. Преку филантропски идеи кои ќе им помогнат на одредени загрозени групи, иновативни млади претприемачи ќе работат на развој на својата кариера. Од донација на облека и помош до самохрани родители, до почист воздух за сите – на годинешниот натпревар има 11 групи-финалисти, кои до 28 септември ќе се натпреваруваат за наградата.

Меѓу финалистите се и Сара Миленковска и Влора Речица, кои на натпреварот учествуваат со проектот One Can Make It Work.

„Идејата е да се создаде веб платформа преку која освен што ќе се поврзат сите организации кои се занимаваат со овој социјален проблем, ќе можат и самохраните родители да имаат алатка која за различни работи во животот ќе им помогне. Инспирацијата доаѓа од нашата потреба да го намалиме товарот кои пред се децата го гледаат и родителите чувстуваат. Многу добро знаеме со што се соочуваат самостојните родители и сакаме воедно и да вратиме за поддршката што сме ја имале ние од нашите родители“, вели Миленковска.

Според неа и Речица, едно општество може да се суди според тоа како ги третира загрозените, а ним им е јасно дека постојат премногу социјални проблеми кои треба дел по дел да се решаваат. Поради тоа се горди што се дел од толку многу прекрасни проекти на млади луѓе, со идеја за подобро утре.

„Ние сметаме дека сериозноста на самиот проблем налага да му се даде шанса да се развие во реалност. Ова е само првиот чекор од многуте кои треба да се направат за да навистина успееме да го промениме статусот на самохраните родители во нашата заедница. Искрено доволно ќе ни биде барем да успееме да ја пренесеме идејата за солидарност и заедништво на што е можно повеќе луѓе, а со тоа и да ги охрабриме сите да веруваат во своите можности и да се изборат за нив“, смета Миленковска.

Самиот менторски процес кој го овозможил натпреварот им помогнал да еволуираат и многу ја променил нивната идеја, но не и самата суштина, велат тие. За почеток, сакаат да ги поврзат самохраните родителите со правна помош, обуки за развивање на вештини и различни компании кои можат да им помогнат, но сонот им е еден ден да можат да создадат услуга- чување на деца со подолго работно време.

„Би сакале многу да преминеме и на други социјални категории на кои воопшто не се посветува внимание од институциите и од општеството. Исто така, сакаме да се прошириме и во другите градови во Македонија и секако да соработуваме со веќе постоечките организации, кои на некој начин помагаат на самохраните родители“, додава Речица.

Сепак, одредени тимови целат кон тоа да помогнат на поширока маса – односно на сите кои го дишат воздухот во Скопје.

Green Roofs Initiative на натпреварот ја пријавиле идејата за поставување на зелени површини на основата на покривите во урбаните средини, за да се добие зелена површина како паркче за сите станари кои сакаат да го користат.

„Реакциите на граѓаните во врска со квалитетот на воздухот ни беа главната инспирација за осмислување на оваа идеја. Оценивме дека воздухот кои што граѓаните на град Скопје го дишат е критично загаден во однос на последните неколку години. Со истражувања е докажано дека воздухот со таков квалитет предизвикува здравствени проблеми кај најкритичните – децата и повозрасните граѓани.  Решивме да преземеме што можеме за да го решиме тој проблем. Со оглед на тоа дека парковите се јавни површини и не можеме да располагаме со нив дојдовме до иновативно решение кое ќе ги зголеми зелените површини во град Скопје и ќе го прочисти воздухот“, раскажува за проектот Ангела Манчевска, која е дел од тимот.

Сметаат дека нивниот проект заслужува да се реалира поради самата загаденост на воздухот и сите останати придобивки кои граѓаните ги добиваат од таквиот тип на покриви, како на пример помало губење на топлина преку покривот, намалување на количината на вода која допира до самиот покрив и со тоа и намалување на ефектот врз атмосферската канализација, поголема изолација, заштита од бучава, подолг век на траење на покривот со тоа што надворешните услови не допираат до него итн.

Доколку имаат можност да го реализираат проектот, Манчевска вели дека би откупиле нивно парче почва, на која би одгледувале разни растенија, со што би се отвориле повеќе работни места на кои ќе бидат вработени луѓе од социјално загрозените семејства (самохрани родители,лица со различен хендикеп итн.). Дополнително, имаат намера да одржуваат обуки за одгледување на растенија и нивна примена, да издаваат лиценци за работа за тие кои што сакаат да работат ваков тип на работа, како и да соработуваат со продавници кои работат со органско производство на храна.

Меѓу финалистите се и Чиста филантропија, тим составен од активисти од граѓанската организација „АРНО“ (здружение за социјални иновации) и локалниот стартап Laundry Cafe Services.

Идејата за донација на стара облека ја добиле лани, за време на првиот бегалски бран. Тогаш „АРНО“ добиле мала парична помош од САД и тргнале со идеја дека донациите на облека за бегалците треба да се исперат, испеглаат и достават на достоинствен начин. Тогаш не добиле дозвола за донација на стари облеки, па идејата ја зачувале за Social Impact Awards 2016.

„Низ сето ова време идејата се трансформираше. Појдовната идеја беше да се донираат чисти, испеглани облеки (претходно селектирани) на достоинствен начин – на пример, без фотографирање. Причината позади ова беше да се мотивираат граѓаните да не ја фрлаат облеката во контејнерите, туку да ја донесат во „Лондри Кафе,“ кое има локација во центарот на Скопје и е лесно за наоѓање. Свесни сме дека облеката која се донира, не секој може да ја испере и испегла, па ние видовме можност да го олесниме процесот во тој дел. Така, наместо да стане отпад, донираната облеката ќе го продолжи својот животен век“, објаснува Ирина Јаневска од тимот.

Идејата ја прошириле со наоѓање на луѓе кои ќе носат облека и за одредена намена. Инспирација им била и иницијативата на Кристина Арнаудова за донирање на свечени фустани за матурантки. Последен бран инспирација добиле и од солидарноста и филантропскиот дух кои ги покажале како граѓани по поплавите во Скопје овој август.

„Тие неколку недели сведочевме на примери за солидарност од кои ни солзеа очи. Сфативме дека како граѓани имаме големи капацитети и можности да си помагаме едни на други, а и дека македонските приватни компании се одзваа на повиците за помош и покажаа на дело општествената одговорност“, вели Јаневска.

Таа смета дека „Чиста филантропија“ е многу повеќе од обична иницијатива за донирање на облеки. Имаат смислено неколку програми за донации, а велат дека интересот за иницијативата е голем.

„Уште кога прв пат објавивме дека сме финалисти, граѓаните се јавуваа во „ Лондри Кафе“ и прашуваа кога можат да ги донесат донациите. Тоа не охрабри и почнавме да размислуваме како да оствариме барем неколку од програмите. Целата замисла на инцијативата е таа да биде потпомогната од компаниите кои се општествено одговорни“, велат од тимот.

Освен овие три тима, во финалето на натпреварот влегоа и тимовите Able, Audified Reality, Freshys, Кинисај, Music Therapy, Slamaher, Paper Embroidery и TheBestie. Нивните презентации може да ги погледнете овде. Гласањето трае до 28 септември, а може да се гласа за три тима.

С. Т.