Над триесет бесплатни концерти на Пин Фестивал во рамки на Таксират

Фестивалот „Таксират“ за 20-тото издание организира меѓународна ПИН музичка конференција и шоукејс фестивал од 30 ноември до 2 декември во Младинскиот културен центар.

Во рамки на концертната програма, ПИН во Скопје претставува повеќе од 30 музички артисти чии концерти и настапи ќе се  одржуваат со бесплатен влез за посетителите. Во чест на 20 години алтернатива во Македонија, овој единствен кај нас европски музички собир го акумулира во Скопје музичкиот талент од меѓународната сцена и бројни македонски артисти кои го заслужуваат глобалното внимание, соопшти Пасворд продукција.

Отворањето на ПИН шоукејс фестивалот ќе биде на 30 ноември со концерт на австралиско-американскиот бенд Liars –  експериментален андергарунд арт-рок состав кој британскиот „Гардијан“ го нарекува и „господар на ексцентричната електроника“, кој ќе настапи на ПИН во рамки на светската турнеја за својот нов студиски албум. Вечерта ќе ја отвори македонскиот бенд ПАЛИНДРОМ, триото посветено на необично комбинирање на две бас гитари и тапани кои ескалираат во микс од различни жанрови.

Покрај веќе најавените настапи на BABA ZULA од Турција, IT’S EVERYONE ELSE од Словенија и VIZELJ од Србија, во програмата за втората концертна вечер на ПИН се приклучуваат и повеќе македонски бендови, како ФОЛТИН – една од најавтентичните и неконвенционални македонски музички групи со 20 години постоење и 8 албуми зад себе; ПОГАН ПАГАН – концептуалниот бенд кој музички може да се опише како пастиш на секој можен жанр, од класичната музика, до трип хоп, пост-панк и електро клеш, со допир на кабаре; БАКЛАВА – акустичната етно група со минималистички музички концепт; КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ – рок групата која во рамки на ПИН ќе го промовира својот нов албум и КОНТАКТ 59 – последното пријатно изненадување на македонската алтернативна музичка сцена, со слободен музички пристап и голем диверзитет во нивните мелодии.

Во соработка со ДЕСОНАНЦ Фестивалот и белградската техно катедрала DRUGSTORE пак, во афтер журката за втората вечер на ПИН, на 1-ви декемви, ќе настапат и диџеите: A / / O, SAUD, ANDREAS HZ и DIAH.

На 2-ри декември, третата и последна концертна вечер на ПИН, во МКЦ ќе може да се слушнат ДЕБЕЛИ ПРЕЦЈЕДНИК од Хрватска – еден од најдобрите хардкор панк бендови од Балканот. Регионалната сцена оваа вечер ќе ја претставува и српскиот фолк/инди/рок/американа/поп бенд STRAY DOGG до Белград. Од Австрија на ПИН ни доаѓа AT PAVILLON – групата чии моќни пораки ги направија познати како бенд кој сака да ги користи своите вештини во танцувањето, против социјални и морални неправди. Звукот на македонската сцена во саботната вечер на ПИН ќе го претставуваат SWEET RAPSCALLIONS – младиот состав со автентичен и вистински романтичен израз вграден во мајсторски ткаени амбиентални ритмови и теми, кои се движат од естетиката во ноар филмовите до индустрискиот и авант-поп звукот, како и KEPURDHAT – бендот од Тетово кој својот прв успех го оствари на Converse Rubber Tracks одржан во Нови Сад , каде што го снимаа нивниот прв албум „Fajtu“ со познатиoт продуцент Alan O’Connell, а кој сега го промовира второто студиско издание „N’trip“.

Покрај овие бендови, на 2-ри декември своите настапи на ПИН претходно ги потврдија македонските сајберпанк пионери КИБОРГ и извонредниот извонредниот хармоникаш од Швајцарија, МАРИО БАТКОВИЌ кој на меѓународната музичка сцена поставува нови стандарди кога е новата музика!

Журката за затворање на ПИН шоукејс фестивалот во МКЦ е посветена на прогресив транс музиката, а со македонските продуценти во овој жанр EGORYTHMIA и DJANTRIX (Digital Om Production) и SPIRIT ARCHITECT.

Сите концерти во МКЦ од 30 ноември до 2 декември се бесплатни.