Над 40 ексклузивни гости и 20 концерти на ПИН конференцијата

На 25-ти и 26-ти ноември (петок и сабота) се одржува третото издание на ПИН музичката конференција. ПИН меѓународната музичка конференција е прва од ваков вид во Македонија, а годинава ќе се одржи на 25-ти и 26-ти ноември во Младинскиот Културен Центар во Скопје.

Конференцијата е отворена за сите посетители и со бесплатен влез, но поради ограничениот капацитет треба претходно да се регистрира присуството на овој линк или на имејл адресата info@password.mk .

Годинава, конференцијата ќе биде домаќин на повеќе од 40 говорници и презентери од Македонија, Балканот и Европа. Во вечерните часови за време на овие два дена, ќе се одржат бесплатни концерти на Project Orpheus од Македонија, Koala Voice, Čao portoroz и Blaz од Словенија, Walter Schnitzelsson од Словачка и Weinhold од Германија, како и трите музички настани од програмата на Таксират: Skye & Ross од MORCHEEBA, The Advent и годинашното издание на Лузер Фест.

Темите на кои ќе се дискутира ги опфаќаат македонската музичка сцена, поврзаноста на музиката и политиката, авторските права, „направи сам“ пристапот, букирањето на артисти, музичките фестивали, дигиталниот маркетинг и други музички трендови во Македонија, но и многу пошироко. За прв пат во Македонија, ПИН конференцијата на ова издание ја покренува и иницијативата за поврзување на фестивалските промотери од земјава, со цел за формирање на здружение на музичките фестивали со културна димензија.

Во гостите на конференцијата годинава се запишуваат повеќе значајни имиња од Македонија, но и голем број на странски учесници, пред сѐ од Словенија – земја во фокусот на ПИН 2016. Меѓу странските експерти годинава имаме претставници на дел од најголемите фестивали и конференции во Европа како Glastonbury, Outlook, Dimensions, Pohoda, Exit, Waves Bratislava, Ment и други.

Главната цел на конференцијата е да внесе свежи идеи во македонската музичка и креативна индустрија, да поттикне промени и дијалог помеѓу сите засегнати страни, помеѓу оние кои сакаат да бидат дел од неа и оние кои знаат како функционира оваа индустрија во меѓународни рамки, да потпомогне размена на идеи и искуства, меѓусебно поврзување и соработка на луѓе кои работат и творат во полето на музиката и уметноста.

Повеќе информации за темите и говорниците, како и за целата програма може да се најдат овде.