Над 1000 деца се исклучени од образовниот систем во Македонија

Над 600 деца во Македонија никогаш не посетиле настава, додека речиси 500 го напуштиле школувањето. Причини има повеќе, но една од најнаведуваните е сиромаштијата. Родителите немале можност да ги обезбедат своите деца со потребните книги, облека и прибор. Ова го докажува последниот извештај на Македонскиот центар за граѓанско образование, а кој е изработен заедно со Министерството за образование и наука и Фондацијата за деца Песталоци како дел од проектот за Инклузија на децата надвор од образовниот систем.

Податоците со кои располагаат институциите и оние на терен не се согласуваат, се наведува во извештајот. Од МЦГО нагласуваат дека иако побарале податоци од 49 училишта во 12 општини, многу мал дел од нив можеле да одговорат на барањето, што според нив покажува дека општините системски не го следат запишувањето на учениците.

Со ова, не постои база на училишни обврзници, која редовно би се ажурирала со податоци за запишувањето и напредувањето на учениците. Иако ова не е законска обврска, постоењето на таквите податоци би им овозможило на општините посистематско следење на запишувањето, забележува извештајот.

Лорета Георгиева, директорка на Центарот се надева дека нивните препораки ќе се претворат во активности.

„Оваа тема треба да ја дигнеме на повисоко ниво и третман, затоа што изминативе десет години ја немаше. Време е да свртиме нов лист за да почнеме сериозно да работиме. Да немаме деца кои не се во образовниот систем и да одговориме на тоа што го вели Уставот, дека секое дете има право на образование. Потписници сме и на Конвенцијата на правата на децата, но да не бидеме само декларативно, туку и вистински да се заложиме секое дете да добие соодветно образование“., смета таа.

Во извештајот се застапени две посебни групи – деца кои никогаш не биле запишани во основно училиште и деца кои напуштиле.

Според добиените податоци, вкупно станува збор за 1 108 такви деца, од кои најголем број се од ромската заедница. Училиштата најчесто немаат сознанија што се случува со овие деца.

Теренските анкетари, пак, успеале да идентификуваат 663 деца кои во мај 2017 година живееле во 12-те општини, а не биле запишани во прво одделение. Тие доаѓале од 378 семејства.

„Најмногу деца што воопшто не биле запишани во основно училиште има на возраст 6-8 години (33 отсто). Нема разлика во бројот на незапишани девојчиња и момчиња.

Најмногу незапишани деца има во Куманово, Битола, Шуто Оризари, Штип и Кочани. Кај најголемиот број семејства во кои има деца што не одат во училиште, родителите се без образование или се со помалку од четири одделенија. Според вработеноста, 86 отсто од татковците и дури 96 отсто од мајките не се вработени, а само дел од нив работат повремено“, стои во извештајот.

Според Маринела Тушева Маричиќ, шеф на кабинет на Министерството за образование и наука, станува збор за негативни тенденции кои не се намалуваат.

„Најсигурниот пат до општествениот развој е инвестирањето во образованието. Најисплатливиот денар е денарот што ќе го инвестираме во образование. Реформите што ги правиме чинат пари, но и лична енергија, ентузијазам, личен влог на секој од нас што работиме во образованието, но и сите граѓани“, рече таа.

Таа се осврна на реформите кои ги започнале како новиот Закон за високо образование, Стратегијата 2018-2025, измените на законите за средно и основно образование, како и новите наставни програми.

„Преку тоа што децата не одат на училиште го пролонгираме овој проблем со децении. Станува на некој начин магичен круг. Повторно сиромаштија, повторно невработеност. Можеби повторно миграција, живеење во лошо социјално опкружување“, забележа таа.

Според неа, мора во иднина многу повеќе да се фокусираат на контакт со родителите. Поради ова, најави таа, МОН ќе одвои средства за ткн. Образовни медијатори. Нивна задача ќе биде да ги контактираат семејствата и да ги информираат за можностите и поволностите што им ги нудат институциите и граѓанските организации со цел се олесни пристапот до образование.

Во извештајот се наведува и дека најголемиот број деца (73 отсто) што не биле запишани на училиште живеат во неповолна социјална средина, односно гетоизирани населби, без канализација, без основна инфраструктура со лоша хигиена. 53 отсто од децата, исто така живеат во многу лоши услови, без приходи, често без еден родител, во супстандардни објекти несоодветни за живеење, без основни апарати за домаќинство.

„Немам пари да му купам облека, прибор, книги“, бил најчестиот одговор за оваа појава, или поточно 93 отсто. По што следува отселувањето (38 отсто), немањето волја кај детето да учи (23 отсто) и поради нецелосна документација (17 отсто).

Поразителни се и податоците за учениците што го напуштиле училиштето пред да го завршат. Но, овде дополнителен проблем е и тоа што податоци дале само три општини – Куманово, Штип и Чаир.

Според нивната евиденција има 554 ученици го напуштиле училиштето. Најмногу од нив (59 отсто) се на возраст од 14 до 17 години, и најголем дел се момчиња (54 отсто). Овде во причини најчесто било наведувано преселувањето и сиромаштијата.

„Податоците ја покажуваат реалноста“, истакна Азбије Мемедова од Детска фондација Песталоци.

„Оваа статистика само не потсетува сите нас дека мораме да се организираме за да ги надминеме проблемите. Ние сите имаме поединечна моќ за да им помогнеме на оние за кои денес зборуваме. Затоа имаме поголема одговорност да преземеме нешто за тие деца, да им дадеме можност да се вратат во образовниот систем. Дали ќе бидат искористени, времето ќе покаже“.

Сепак, генерален заклучок е дека родителите не го посакуваат тоа за своите деца. Едвај пет отсто од нив рекле дека образованието не им е важно за нивните деца.

Емилија Петреска