Над 100 училишта во Индија затворени поради страв од напади на леопарди

Вкупно 129 училишта, меѓу кои и 53 државни, се затворени во индискиот град Бангалоре, поради страв од можни напади на леопарди, пренесува BBC. Властите ја донеле оваа одлука откако леопард бил забележан вчера од градежни работници, кои работат на периферијата од градот.

Властите ги предупредија жителите да останат во своите домови, додека полицијата и припадници на шумската патрола се обидуваат да го фатат леопардот.

Во неделата, цели десет часа траеше битката на полицијата и шумските чувари кои се обидуваа да фатат друг заскитан леопард, кој влезе во училиште во Бангалоре, повредувајќи шест лица. Меѓу повредените беа еден ветеринар, еден од шумските чувари, како и телевизиски камерман кој известуваше за случувањата во училиштето.

„Вечерва ќе одлучиме дали ќе дозволиме училиштата да работат во текот на утрешниот ден. Тоа ќе зависи од полициските и шумските службеници“, изјавил за локалните медиуми претставникот на Владата во Бангалоре, Сатиамурти.

Според неодамнешни истражувања, Индија има од 12 000 до 14 000 леопарди. Експертите засега немаат објаснување зашто леопардите се почесто навлегуваат во населени места и градови, кои се на работ од големите шумски комплекси каде живеат дивите животни. Шумските чувари предупредуваат дека леопардите и другите диви животни се почесто ќе заскитуваат во градовите, доколку продолжи неконтролираното градење со кои се зема земјиште од шумите и од животинскиот свет.