Над 100 илјади граѓани живеат во целосна сиромаштија – Ромите, жените и младите на маргините

Џемиле Јашари и нејзиното 13-члено семејство живеат на маргините на македонското општество. Таа десет години живее без свој дом, на улица, под Скопското Кале, со нејзините деца и внуци. Од неодамна, таа го добила четвртото внуче, кое сега живее под најлон, подложно на бројни зарази и опасности околу себе. „Нели е тоа срамота? Децата добија инфекција, шуга, вошки… Нели е срамота тоа што го живееме?“, прашува Јашари.

Таа е една од 100-те илјади граѓани во Република Македонија кои живеат во апсолутна сиромаштија, а повеќе од милион и двесте илјади луѓе едвај врзуваат крај со крај, не можејќи да си ги исполнат основните потреби, соопшти денес Македонската платформа против сиромаштијата, по повод 17-ти октомври, Светскиот ден за борба против сиромаштијата.

Билјана Дуковска, претседателка на платформата, вели дека Македонија не смее да си дозволи да ги има овие фрапантни бројки, а да се декларира како социјална држава. Таа вели дека секој граѓанин во оваа држава треба да биде вклучен, треба да му се обезбедени можностите и условите, да учествува во креирањето на политиките и во донесувањето на одлуките.

„Како врв на ова, со 43 проценти, Македонија е на врвот на листата на европските држави според бројот на жители кои немаат доволно приходи за нормален живот, или ниту еден член во семејството не е вработено. Овие бројки не се статистика, ова се животни судбини. Ова се животите на нашите другари, соседи, роднини, пријатели. Сите граѓани заслужуваат достоинствен живот, соодветна здравствена заштита, пристап до образование и вработување, домување со квалитетни услови и соодветна исхрана, институции кои ќе служат како заштитна мрежа“, посочи таа.

Ромите, жените и младите се најпогодени од сиромаштијата, потврдуваат невладините организации кои работат со нив. Студентката Јована Чимушевска, која во моментов е член на Платформата против сиромаштијата, вели дека во државата првично недостасуваат програми кои ќе им ги задоволат потребите и би го олесниле вработувањето. Таа во Германија работела со деца, па кога се вратила во Македонија сакала да продолжи да учи и да го примени тоа знаење овде, но таа е уште една од мноштвото млади кои сè уште се без работа.

„Станавме држава без можности, еднаш ако паднеме, станувањето е скоро па невозможно. Сиромаштијата ги турка младите на маргините на општеството. Немаат можности да се развиваат, ако успее некој да излезе од овој магичен круг, нема жива сила и здрав разум што ќе го натера тој човек да почне од почеток и да остане овде. Општеството не им помогна, образовниот систем не им понуди училиште по нивна мерка, образовниот систем ни е by the book и секој оној што ќе излезе од рамката е соочен со потешкотии кои најчесто ги исфрлаат младите во сиромаштија“, смета Чимушевска.

Според извештајот подготвен од Платформата, во соработка со невладини организации, досега само Владата и надлежните органи имале целосен пристап во создавање на содржината на националните документи, без учество на граѓанското општество.

Уличното списание „Лице в лице“ е еден пример за тоа како луѓето од социјалните групи би требало да се поттикнуваат за да застанат на свои нозе. Ерџан Салип веќе две години е најдобар продавач на списанието во Скопје.

„Пред да почнам со ‘Лице в лице’ собирав шишиња, немав живот. Со социјалната помош што ја земав, не знаеш што попрво да платам, дали за струја, дали за храна“, вели тој.

Според Жермена Димоковска, претставник на „Лице в лице“ вели дека најголем број на продавачи на списанието се деца кои живеат на улица, кои по 19-та година немаат ниту работа ниту социјално згрижување. Но, таа нагласи дека сега им помагаат со тоа што имаат индивидуален пристап со нив, менувајќи ги нивните навики.

Но, што државата треба да направи, прашува Савка Тодоровска, претседателка на Национален совет за родова рамноправност. Според неа, поразително е и тоа што жените, особено мајките, сè уште се соочуваат со неплатена работа. Нив, според Тодорвска уште не ги опфаќа генералната политика, и покрај важната улога што ја имаат во општеството.

Како претставник од поголемите партии, на денешната конференција, присуствуваше претседателот на најголемата опозициска партија СДСМ, Зоран Заев. Тој рече дека обидувајќи се да создадеме држава по 20 години, Македонија ја изгуби душата и смислата на своето постоење.

„Во Буџетот има пари, Македонија не беше посиромашна кога имаше буџет од милијарда и седумстотини милиони евра, сега има три милијарди и триста милиони евра, но одат за глупости. Мора да се троши за граѓаните, за нашиот народ и за најсиромашните“, рече Заев.

Денешниот настан насловен „И јас сакам да имам живот како другите“ беше поддржан од Фондацијата Фридрих Еберт. Оттаму се надеваат дека пораката ќе стигне до сите политичари и дека тие ќе воспостават социјална правда во државата.

Е.П.