Над 10 повредени лица во експлозија во турска Анталија

Повредени се повеќе од десет лица по денешната експлозија во Анталија, јужна Турција. Според турските медиуми, експлозијата се случила пред паркингот на Трговско-индустриската комора, чии прозори се искршени, а оштетени се и шест до десет автомобили.

По екслозијата, која се слушнала и во центарот на Анталија, кон местото се упатија голем број возила на брзата помош и на полицијата.

Се уште не е позната причината на експлозијата. Градоначалникот Мендерес Тјурек напомена дека е можно да се работи за несреќа предизвикана од техничка грешка во автомобил паркиран пред зградата,  а не за терористички акт. Исто така, нагласи дека ниту едно лице не е во животна опасност.