Над 1.5 милиони евра за таблет компјутери, законот ќе се гласа по скратена постапка

Предлог-законот кој го предложи Владата за купување на таблет компјутери за студентите денеска влезе во Собранието и ќе се носи по скратена постапка.

За реализација на законот се потребни 96 милиони денари или над 1.5 милиони евра, средства кои се обезбедени од Буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација.

Со Законот за издавање на вредносни бонови-ваучери се предлага издавање на вредносни бонови за обезбедување на таблет компјутери со надворешна тастатура за редовните студенти од семејства во кои месечни приходи не го надминуваат износот од 32.741 денари бруто приход и кои за прв пат се запишани во трета и четврта година на студии на високо образовните установи во Македонија, како и за студентите кои се евидентирани како лица со посебни потреби запишани во било која година на студии на високо образовните установи во Македонија.

Според предлагачот, целта на законот е: поттикнување и помагање на научниот и технолошкиот развој на студентите кои потекнуваат од семејства во кои вкупните месечни приходи не го надминуваат износот од 32.741 денари бруто приход, помагање на студенти евидентирани како лица со посебни потреби и директна стимулација (помош) на компаниите кои се дел од ИТ секторот.

Вредносните бонови-ваучери за студентите ќе изнесуваат 8000 денари.

Предлогот доаѓа откако неодамна премиерот и лидер на ВМРО-ДПНЕ, Никола Груевски на партиската трибина во СЦ „Борис Трајковски“ најави дека сите студенти на државните и приватните универзитети, кои првпат запишале трета или четврта година, а чии семејства немаат поголем месечен приход од просечна нето плата во Македонија ќе добијат бесплатен таблет со тастатура.

Реакција на ваквата најава имаа Студентски пленум кои истакнаа дека предлогот претставува површна реформа и дека на високото образование и на студентите им се потребни континуирано вложување и финансиска поддршка, а не „еднократни награди, кои служат за одвлекување на вниманието од вистинските проблеми“.

„Ќе видиме колку Владата е навистина подготвена да помогне кога ќе се отвори прашањето за финансирање во изработката на новиот закон. Иако и досега имаме повеќепати посочено кои се барањата на студентите, ако некому сè уште не му е јасно, пак ќе повториме – сакаме човечки услови во студентските домови, сакаме соодветна и современа литература на македонски јазик, сакаме опремени лаборатории за природонаучните и техничките факултети, сакаме асистенти, сакаме студентски мензи, сакаме студентски бенефиции, сакаме бесплатен јавен превоз. Сакаме да знаеме дека ќе може да најдеме работа дома. И дури тогаш, проектот за бесплатен таблет би имал некоја смисла“, истакнаа од Студентски пленум.

Инаку предлогот за купување таблети во образованието не е нова идеја. Во јуни 2012 слична најава за купување на 300 илјади таблети но за учениците во основното и средното образование, имаше тогашниот министер за образование и наука, Панче Кралев. Сепак, идејата наиде на критики во медиумите и јавноста, особено поради фактот што Владата потроши околу 60 милиони евра на проектот „Компјутер за секое дете“ со кој требаше да се обезбедат сите училишта со компјутерска опрема. Овој проект исто така наиде на бројни критики во јавноста поради третманот на компјутерите обезбедени со набавката, кои во голема мера останаа неискористени, складирани, а илјадници од нив во целост или во делови беа украдени.