Нација на анимација – изложба на современа македонска анимација

Група македонски уметници организираат изложба на современа македонска анимација која ќе се одржи во Кинотека од 20-25 октомври.

Анимацијата е уметност која уште во раните детски денови, чекор по чекор, се развива според потребите и ги исполнуваше утрата во викендите. Секој добро се сеќава на утринската програма на Македонската Радио Телевизија, на Мечето Ушко, на лошото Дете Хуго, на Тетка Биберче, на Принцезите и Принцовите на Дизни, на итриот Ушко-Долгоушко и на низа ликови кои до денес навраќаат спомени.

Инспирирани од цртаните херои, креативните деца – денес аниматори, илустратори, концепт-артисти, режисери, сценаристи, дизајнери, сплотени во тим, со години создаваат и оставаат уметност за идните поколенија. Било да се работи за краткометражен или долгометражен филм, реклама, музички спот или видео-игра, уметноста на придвижениот цртеж бара сложен креативен тим со огромно трпение, посветеност, љубов, подготвеност за непрестана работа и непроспиени ноќи… 

Оттука, се појавува потребата за домашната нација на анимација, која е посвета на сите кои неуморно создавале и се уште создаваат забавни филмови и заразни видео-игри, изложба со која тие сакаат да им кажат благодарам на оние кои ја развиваат современата македонска анимација со нивните аматерски, студентски или професионални дела.