[ВО ЖИВО] #НаЧас: Студенска мобилност – Еразмус плус или минус

Зошто е важна студентската мобилност и студирањето неколку семестри на странски универзитет? На кој начин се спроведува програмата Ерасмус+ и како може да се аплицира за студентските размени? Какви се искуствата на македонските студенти кои заминале на студентска размена во странство и со кои проблеми се соочуваат кога ќе се вратат назад? Ова се дел од прашањата за кои разговараме во осмата емисија #НаЧас, која ќе се емитува утре (14 декември) во 13 часот на Радио МОФ.

На темата „Студенска мобилност – Еразмус плус или минус“ ќе говорат Александар Богојевски од Национална Агенција за европски образовни програми и мобилност, Маријана Секуловска, раководителка на Центарот за кариера на Економскиот факултет во Скопје, Наташа Ставревска, студентка на ФЕИТ и Калиа Димитрова, поранешна Еразмус стипендистка.

Дискусиите „На час“ – за подобро образование се емитуваат секој четврток, во 13 часот, со аудио пренос на Радио МОФ и видео пренос во живо на нашата Фејсбук страница. За сите прашања, коментари и забелешки на Твитер активен е и хаштагот #НаЧас.

Периодот кој следи наговестува дека ќе се случуваат многу значајни промени во образованието, а со цел да се добие видливост и отвори дебата на предложените политики го започнуваме овој тематски серијал посветен на образованието. Радио МОФ е младински медиум кој ги има како главен фокус: студентските и средношколските права, студентскиот стандард и создавањето на политики во образованието. Токму затоа, опширното, сликовито и сеопфатно информирање на јавноста за теми поврзани со образованието и животот на учениците и студентите го сметаме за еден од приоритетите.

Серијалот „На час“ е финансиран и се спроведува во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.